Веста дека Кредит Свис, една од најголемите европски банки, успеала да обезбеди заем од 50 милијарди франци од Швајцарската национална банка, ги стабилизираше европските финансиски пазари, засега смирувајќи ги стравовите од избивање на европска банкарска криза. Акциите на Кредит Свис во текот на вчерашниот ден паднаа за дури 40 проценти, откако беше објавено дека банката открила одредени слабости во својот финансиски извештај, по што нејзиниот најголем акционер, Саудиската национална банка, соопшти дека нема да купува дополнителни акции од Кредит Свис, што пак предизвика паника на берзите.

-Кредит Свис е еден вид на точката каде се слеаа сите овие кризи кои се случуваат во исто време. А тоа што таа е толку голем играч во финансискиот систем значи дека сѐ што ќе ги погоди нив може да се претвори во паника, вели Закари Фајнстин, асистент професор по финансиско инжењерство и директор на Финтек програмата на Школата за бизнис на Технолошкиот институт во Хобокен

Проблемите во банкарскиот сектор испливаа на површина по минатонеделното неочакувано пропаѓање на 16-та по големина американска банка, Силикон вели бенк, што пак го предизвика и пропаѓањето на њујоршката Сигначр бенк. Експертите, меѓу другото причината ја гледаат и во политиката на сите финансики регулатори изминатава година, кои на рекордно високо ниво ги зголемија каматните стапки. Според нив, обидувајќи се да ја зауздаат инфлацијата регулаторите ги обезвреднија обврзниците, кои пак се начинот на кој најголемиот дел од банките ги чуваат своите средства.  Поради тоа банките беа приморани да ги продаваат акции и обврзници за да ја обезбедат својата солвентност.

-Ако во крајна линија една банка пропадне, тоа пропаѓање значи дека таа не може да го исполни својот дел од договорот со некоја друга банка. Таа инсолвентност тогаш може да се прошири и да предизвика некоја банка да ги отпише од својата состојба средствата што може да прерасне во зараза на инсолвентност, каде инсолветноста на една институција може да предизвика инсолвентност на друга институција, а тоа може да се прошири низ целата мрежа на финансиски институции, објаснува Фајнстин.

Падот на вредноста на обврзниците не е голем проблем за банките се додека тие не бидат приморани да ги продаваат за да ја подобрат својата ликвидност. Таквата продажба покрај тоа што ја намалува вредноста на обврзниците на банката која продава, ја намалува и вредноста на обврзниците и на другите банки. И последниот дел од спиралата на пропаѓање, според експертите е недовербата која се појавува кај штедачите, кои започнуваат да ги повлекуваат своите депозити стравувајќи од нивно пропаѓање.