Шведската миграциска служба соопшти дека одлучила да депортира Ирачанец кој запали копии од Куранот, муслиманската света книга, но оти наредбата нема да биде спроведена бидејќи човекот може да биде подложен на тортура во неговата татковина.
Шведска го подигна нивото на закана од тероризам на второто највисоко ниво во август и предупреди на зголемување на заканите за Швеѓаните дома и во странство, откако палењето на Куранот ги налути муслиманите и предизвика закани од џихадистите.
Неколку демонстрации беа предводени од Салван Момика, ирачки бегалец кој тврди дека сака да протестира против целата институција на исламот и да ја забрани нејзината света книга.
– Службата за миграција одлучи да му го одземе статусот и дозволата за престој и одлучи дека треба да биде депортиран, изјави портпаролот на службата.
Според него, причината е тоа што мажот дал лажни податоци во пријавата за престој.
Сепак, портпаролот рече дека Шведска не може да ја спроведе наредбата за депортација бидејќи мажот би ризикувал мачење и нехумано постапување доколку биде испратен во Ирак. Доколку ситуацијата се промени, човекот ќе биде депортиран, додаде тој.
Службата за миграција во јули соопшти дека спроведува ревизија на дозволите за престој на Ирачаните.