Стефан Ловен би можел да стане првиот шведски премиер кој ќе биде сменет од Парламентот денеска откако пропаднаа обидите на неговата Влада за време на викендот да постигне договор за враќање на поддршката од Партијата на левицата.
Таквиот пресврт на настаните би го оставил Ловен една недела или да поднесе оставка или да распише предвремени избори, што не се случило во Шведска од 1958 година.
„Веројатно ќе имаме историски ден во Парламентот“, објави денеска на насловната страница националниот весник „Дагенс нихетер“.
Ловен доби втор мандат во 2018 година по повеќемесечни преговори по изборите на кои шведските демократи, антиимигрантска партија, ја сменија шведската политичка мапа со своите добри резултати.
Поранешен лидер на синдикатот, познат по своите преговарачки способности, Ловен оттогаш имаше тесна малцинска влада на социјалдемократите и зелените, поддржана од поранешните политички ривали Партијата на центарот и Либералите.
Иако не беше дел од каков било формален договор, на Владата и требаше премолчена поддршка од Партијата на левицата. Тоа се смени минатата недела откако Владата сигнализираше дека може да ја олабави контролата над изнајмувањето на новоизградените станови, што беше неприфатливо за левицата.