Собранието попладнево ѝ изгласа доверба на Владата, откако претходно тоа од пратенциите усно го побара Зоран Заев. За доверба на Владата гласаа 62 пратеници, а ниту еден од присутните не беше против.
Гласањето за доверба беше без претходна расправа. Според собранискиот Деловник, во случај кога прашањето за доверба на Владата го поставува премиерот усно на седницата на Собранието, пратениците се изјаснуваат на истата седница, без расправа.
Откако на Владата ѝ беше изгласана доверба, истото прашање, како што е предвидено со Уставот, не може да се постави во наредните 90 дена во парламентот.