Австралискиот министер за одбрана Ричард Марлс денеска најави дека ќе работи на продлабочување на одбранбените врски со Франција, Германија и Велика Британија за време на посетата на тие земји следната недела, порачувајќи дека војната во Украина ја зголеми важноста да се соработува со истомисленици.
Посетата на овие земји од 29 август до 1 септември е воедно и прво патување на министерот Марлс откако централно-левичарските лабуристи ја презедоа власта во Австралија по општите избори во мај.
Австралиската влада соопшти дека средбите на Марлс со неговите европски колеги се шанса за Канбера да покаже дека сака да изгради посилни одбранбени врски со Европа.
Неговата посета на Франција ќе ги обнови билатералните односи, велат австралиските власти, опишувајќи го Париз како еден од најстарите и најспособните партнери на Австралија.
Во јуни Австралија и Франција потпишаа договор вреден 555 милиони евра со француската компанија „Навал груп“ за решавање на спорот околу минатогодишниот неуспешен договор за француските подморници.
Европската турнеја на Марлс вклу чува и учество на тркалезна маса со претставници на германската одбранбена индустрија, како и посета на бродоградилишта во Велика Британија.