Силен земјотрес, со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала, утринава, околу четири часот, ја погоди Црна Гора, јави МИНА.
Според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, епицентарот на земјотресот бил на 32 километри северозападно од Никшиќ.
Земјотресот е регистриран во 4,06 часот, на длабочина од десет километри, а бил почувствуван низ цела Црна Гора.
На веб-страницата на Црногорскиот завод за хидрометеорологија и сеизмологија се уште нема информации за земјотресот.
Потресот е почувствуван и во Скопје, Белград, Сараево, Дубровник и други места од регионот.
Земјотрес со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван рано изутрината и во повеќе македонски градови како во Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Охрид, Струга и Ресен, а со интензитет од III степени во Скопје, Куманово и Велес.
Епицентарот на земјотресот бил 247 километри северозападно од Скопје, во Црна Гора, со Рихтерова локална магнитуда ML5.3, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот нема предизвикано значителни материјални штети.