Недоволна предвидливост на понатамошниот процес на пристапување и на нашиот пат кон ЕУ, недоволно јасна граница меѓу критериумите за членство и билатералните политички прашања и отсуство на доволно институционални гаранции дека исполнувањето на договорените услови ќе овозможи реален напредок во преговорите и во самиот процес – се четирите димензии важни за напредокот на државата кон ЕУ, кои ги истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, на кој се дебатира за извештајот на ЕК за Македонија за 2026 година.
-Ништо досега не нè поколебало да останеме на европскиот пат и ништо нема да нè поколеба. Нашата цел останува истата – полноправно членство во Европската Унија. Ние не бараме привилегии, не бараме посебен третман, не бараме пониски стандарди. Бараме доследна примена на европските правила, принципи и вредности, еднаквост, правна сигурност и пристапување засновано врз заслуги – рече претседателката.
Според неа, мора да сториме нешто сите заедно, и ние, и нашите соседи, и нашите европски партнери, за да излеземе од лавиринтот.
-Секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени, сметам дека не е искрен. Или има намера или нема желба да ја разбере заднината на нашата загриженост. Во оваа смисла сакам да посочам дека мојата порака кон сите наши соседи е дека добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот. Во добра волја, со меѓусебно почитување и реципроцитет, да го употребам говорот на основните конститутивни акти на Европската Унија, да се слушнеме, да се обидеме да се разбереме и кога не се согласуваме, да не се надвикуваме оти од високите тонови нема да се чујат умните и мудрите. Ги има од двете страни на границата, кај сите соседи, да им дадеме простор да се искажат – нагласи Сиљановска-Давкова.
Таа истакна дека од ЕУ очекуваме оти „како објективен брокер да стави јасно до знаење преку стриктни правила дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат дел од преговорите и дека тој принцип мора да има реална институционална примена, а не да остане само како декларација како за другите така и за нас“.
За самиот извештај, наведе Сиљановска-Давкова, добро е што нема констатирано уназадување.
-Можеме да кажеме дека е исто така добро што усогласеноста на Поглавјето 10 – дигитална трансформација и медиуми и на Поглавјето 26 – образование и култура е на повисоко ниво. Има добар напредок во Поглавјето 10 – дигитална трансформација и медиуми, науката и истражувањето и 31 – надворешна, безбедносна и одбранбена политика, најважната за светот, за ЕУ, за Европа и за нас. Посебно е важно високото ниво на усогласеност во поглавјето заедничка безбедносна и надворешна политика, потенцирам, нешто што сега е хоризонтален услов за напредување во процесот. Меѓутоа, факт е дека ова темпо на констатиран напредок не е доволно за да го одржиме долго одржуваното високо место на усогласеност со правото на ЕУ споредено со другите земји во регионот – рече претседателката.
И во поглавја каде со години компаративно сме понапред, додаде таа, како на пример безбедноста на храната и Царинската унија, сега е констатиран ограничен напредок. Во кластерот Внатрешен пазар, усогласеноста останува на исто ниво години со ред, напредокот стагнира.
-Од кластерот Зелена агенда и одржлива поврзаност ќе издвојам дека извонредно значајно за мене е Поглавјето на животна средина, коешто со години бележи ограничен напредок и исто така само одредено ниво на усогласеност. Клучниот кластер Темели, за разлика од минатата година, има напредок иако ограничен во областа на правосудството. Меѓутоа, не се констатира напредок, а тоа е цважно, во корупцијата и јавните набавки. Забележан е ограничен напредок во правда, слобода и безбедност, исто така област во која имавме предности, и јавната финансиска контрола, а остануваат слабости во некоии области на имплемнентација на темелните права. Наназад, констатираното ниво на усогласеност сепак можеме да кажеме дека е бавно, исто како и напредокот, а некои од препораките се повторуваат – истакна претседателката.

Посебно внимание, според неа, заслужуваат хроничните слабости како недостаток на капацитети изразени во користење на средствата во ЕУ, за што сериозно треба да размислиме; потребата од зајакнување на независните тела; координацијата на политиките меѓу институциите, бидејќи државата треба да функционира како систем.
-Значајно е подобрувањето во спроведувањето на Реформската агенда. Видливо е дека напредокот во одредени подрачја во извештајот е резултат на спроведувањето на Реформската агенда, но мислам дека таа не е доволна како механизам за поттикнување на реформите. Како прва земја од регионот што воспостави своја Национална програма за усвојување на правото на ЕУ, со систем за ажурирање и следење, при објавен извештај од соодносот, нашата работа на реформите комплементарни со пристапувањето во ЕУ може и треба да биде подинамична и посеопфатна, а овие инструменти мора да ги актуелизираме – посочи претседателката.
Сиљановска Давкова кажа и дека не треба да не демотивира фактот дека не бевме меѓу оние четири земји за кои беа објавену патокази, и покрај постигнатото ниво на усогласеност со правото на ЕУ и за усогласеноста со заедничката безбедносна и надворешна политика на Унијата, и дека е тоа спротивно на принципот на заслуги.
-Сакам да ги поздравам иницијативите содржани во овие документи за поефикасно одлучување и постепена интеграција, особено ставот дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат вклучени во преговорите како такви. Очекуваме, или јас очекувам, дека во пристапниот процес ќе се почитува нешто на што се повикуваа сите претходно – зборувам за Преспанскиот договор – и дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на ЕУ кога државата ќе стане членка – истакна претседателката.
Како што посочи, уставните измени не се реформи неопходни според правото на ЕУ, тие се наметнат услов надвор од правото на ЕУ, но точно е дека се дел од заклучоците.
-Наша задача како избрани од граѓаните е да ги браниме државните интереси. Истовремено, се разбира, не смееме да ја заборавиме европската цел и европската агенда. Императив да го сочуваме капацитетот на реформи е за мене и да не ја губиме енергијата на наметнати теми, односно враќање кон историјата – нагласи Сиљановска Давкова.
Таа истакна дека парламентот, пред се Советот за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, дека се местото каде што треба да вложиме максимум напори и консензус за клучните прашања поврзани со нашиот европски пат.
-Не случајно Лисабонскиот договор се именува и како Договор за парламентите. Разликите на мислењата во парламентите се легални, пожелни и демократски. Убедена сум дека Собранието има капацитет за плодотворна дискусија за опциите за политиките на европскиот пат овде и во матичните комисии, вклучувајќи и јавни расправи, надзорни расправи и сите други механизми што ги имате на располагање – заклучи претседателката.




