Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова вчеравечер присуствуваше на приемот, што за учесниците на Конференцијата за обнова на Украина во Берлин го приреди претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.

Двајцата претседатели остварија куса средба, на која разменија мислења за пост-изборниот период во земјата и формирањето на новата влада и очекувањата за спроведување на реформите на македонскиот пат кон Европската Унија.

Претседателката Сиљановска Давкова оствари средба со генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, на маргините на Конференцијата за обнова на Украина, што се одржува во Берлин.

На средбата беше разговарно за плодната соработка со Советот на Европа во клучните реформски процеси во земјава, за високата заемна посветеност, како и за проектите кои преку програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, успешно се реализираат во различни области, а во насока на остварувањето на македонските аспирации за членство во Европската Унија.

Претседателката Сиљановска Давкова, осврнувајќи се на демократскиот капацитет на нашите институции, ги нагласи заложбите за унапредувањето на човековите права и владеењето на правото, како едни од базичните предуслови за напредокот на македонското општество.

На средбата беше истакната важноста на темата родова еднаквост и спроведувањето на Истанбулската Конвенција.

Двете соговорнички разменија мислења и за европската перспектива на регионот, како и за нашиот значаен придонес во обезбедувањето на мирот и стабилноста на Европа.