Претседателката Гордана Сиљановска Давкова одбива да ги коментира секојдневните закани од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за можно вето за европските интеграции на земјава поради, како што вели тој, непочитување на Преспанскиот договор од нејзина страна.

-Јас не коментирам пораки на господинот Мицотакис. Преспанскиот договор има механизми, почнувајќи од укажување, па до обраќање до Генералниот секретар на Обединетите нации. Постои и можност за покренување постапка пред Меѓународниот суд на правдата, чија пресуда соседот Грција не ја почитуваше, изјави Сиљановска Давкова во одговор на новинарско прашање пред почетокот на панел дискусијата „Европската Унија како предизвик и предизвиците на Европската Унија: Европа 74 години после Шумановата декларација” во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и Европското движење.

Тоа, како што кажа, е механизам што постои и што е загарантиран во процесот на одлучување на секоја членка на Европската Унија.

-Јас не можам да го спречам во тоа. Преспанскиот договор е дел од преговарачката рамка, но не мислам дека е тоа во духот на развивањето на пријателските односи. Мислам дека и во традиционалната дипломатија можеби е добро да фрлиме поглед врз културната дипломатија каде на поинаков начин ги решаваат проблемите. Сметам дека и ние со соседите би можеле во пријателски дух да се обидеме на поинаков начин да се однесуваме и по малку да бидеме скандинавци, порача Сиљановска Давкова.