Вечерва на последната политичка дебата на Телевизија 21, тројцата претседателски кандидати за последен пат ја имаа можноста да се претстават пред граѓаните на Република Македонија. Во текот на дебатата, Стево Пендаровски во обид да и’ наметне став во облик на обвинување на Гордана Силјановска Давкова дека не се залага за Албанците, Силјановска му одговори дека звучи како рефрен од расипана плоча. Таа рече дека неговите говори од 2001 година, за кои постојат и докази во весниците, ги знае и таа, а и сите Албанци во државата.
– Тоа е Вашата перцепција која во недостиг на знаење или опскурно знаење е секогаш политичка, мојата кога не сум била во политиката, е научна. Јас кога го анализирам Рамковниот Договор во научни трудови, Ви го покажав едниот вчера со највисоки оценки во САД, се водам од концептите на т.н. консоцијативна демократија каде може да функционира, каде не и слично, рече Силјановска
Таа рече дека Пендаровски во текот на дебатата во обидот да им се додворува на Албанците, ги потцени, ги негира и ги дискриминира останатите, бидејќи правичната и соодветна застапеност подеднакво се однесува и на Турците, и на Ромите, и на Власите, и на Србите и на сите останати.
Силјановска Давкова својот противкандидат го потсети како неговиот лидер односно шеф е амнестиран.
– Републиканската монархија во Македонија има долга традиција. Традицијата е од 1993 година кога тогашната власт донесе закон наменски, за кого, закон за помилување според кој беше ослободен сегашниот премиер од тогашниот претседател на државата, нагласи Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова додаде дека Бранко Црвенковски врз основа на одредба за ексклузивно монархистичко право надвор од сите други правни норми го помилувал Зоран Заев.