Гордана СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА

𝗣𝗔𝗖𝗧𝗔 𝗦𝗨𝗡𝗧 𝗦𝗘𝗥𝗩𝗔𝗡𝗗𝗔 за втората (безимената страна), но не е и за првата (ем Хеленска република, ем Република Грција)

„Европскиот“ оркестар, повторно е на политичка турнеја во Скопје. Речиси секој ден гостува на претседателската, владината и собраниската сцена. Ни советува да ја запееме заедно „Одата на радоста“ во овој „редок“ моментум, односно да договориме доволно броен и силен аплауз со кревање раце за бугарскиот диригент дури и по проблематичната и несигурна изведба.

Покрај „Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија“, во Преговарачката рамка го вклучија и Преспанскиот договор. Во првиот нема ниту збор за уставни промени, ама нашиот “Соломон“, попознат како г-дин Османи го „објасни“ навигаторскиот потфат на префрлање од историјата, како Сцила, на човековите права, како Харибда! Тој, се разбира, ниту е Одисеј, ниту Колумбо, туку повеќе наликува на капетанот на Титаник.

Кога е вториот договор во прашање, преспанците, меѓу кои и г-динот Хан, заборавија на “pacta sunt servanda”. Помнат ли дека во членот 1, точка 10 смислија „политички преоден период“ од 5 години по стапувањето во сила на договорот, но и по отворањето на првото поглавје, во кој ние мораме да ги смениме документите за внатрешна употреба за да ги севернизираме? Кое поглавје го отворивме, прашувам и зошто да ги менувам сè уште важечките документи, дури и на сопствен трошок, небаре сум ги украла или фалсификувала, како оние славните по лошо? Што стори Грција во меѓувреме? Зошто со патоказите сè уште ги дезориентира странските патници, а македонските ги нервира? Што стана со новогрчките бајки од вториот дел на Преспанскиот договор, оние украсните за соработка во културата, образованието, економијата, екологијата…

Го заборавија ли бизарното референдумско прашање (Карлос Флорес Хубериас): „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот?“ Зарем не дознаа дека референдумот беше неуспешен, за разлика од оној од 8 септември 1991 година, најуспешиот од сите на бившата југословенска почва? Зарем не знаат дека пратениците од власта со помош на „најевропските“ пратеници од опозицијата нелегитимно ги сменија Уставот и ИМЕТО на државата, наивно или лукративно убедени дека набрзо „влегуваат“ во ЕУ! Прават ли разлика меѓу ЕУ и НАТО или на балкански начин (Хан) ги изедначуваат?

Не ми се верува дека некои исти домашни и странски ликови, пак трагаат по „европски“ пратеници за промена на Уставот, ама сега не за ЧЛЕНСТВО, туку заради почеток на БРЗИ, речиси „фински“ преговори за ЕУ! Каков „напредок“!

ФБ статус на Гордана СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА