Силна бура го погоди Балканот. Босна, Хрватска и Србија синоќа и денес изутринава се соочија со обилни врнежи од дожд и силни ветрови.
Неколку реки се излеаја од коритата, а силниот ветер корнеше и дрвја.

Во овие земји се известува за неколку повредени лица и за материјални штети. Синоптичарите во Скопје за вечерва очекуваат бурата да ја погоди и земјава.

УХМР: Претежно облачно време и врнежи од дожд. Попладне и во вечерните часови врнежите ќе бидат поинтензивни, а на места ќе имаме нестабилно време поради обилните врнежи, грмотевици и силни ветрови. На места ќе има и град.”

Најавите за обилни врнежи ги мобилизираа институциите како и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Центарот за управување со кризи, пожарникарските служби и општините за да се преземат превентивни мерки.

Од Центарот за управување со кризи апелираа до граѓаните во случај на опасност да пријават на телефонскиот број 195. Општините и Центарот апелираа вечерва да не се излегува без потреба, а возилата да не се паркираат во близина на атмосферските канализации, ниту под дрва.