Коле Манев

Пред некој ден Стево Пендаровски се всели во вилата на Водно од каде во наредните пет години ќе ја врши функцијата претседател на државата.

Јас гласав за Гордана Сиљановска-Давкова бидејки мислам за Македонија Гордана ќе беше подобро решение. Но изборните резултати ме демантират. По ваквиот исход на настаните на Стево Пендаровски можеме да му кажеме, нека му е со среќа! По два мандати поминати на чело на државата екс претседателот Ѓорѓе Иванов си замина од престижното место на Водно. И нему нека му е со среќа! Не знам дали е вистина, но некаде прочитав дека Никола Димитров од први јуни ќе ја напушти функцијата министер за надворешни работи и ќе замине  за Америка! Ако тоа е вистина, може да заклучиме дека по помпезниот договор од Нивици, неговата почит и љубов кон татковината траеше само едно лето, односно многу кратко. Зоран Заев би рекол тоа е живот.

Презаситен од политички памфлети, па затоа би рекол, кој сака нека оди каде сака, нека фатат џенем. Сигурно без нив ќе ни биде подобро. Остануват осудените на два века затворска казна поврзани со настаните од 27 април. Тие нема каде да заминат. За жал, останаа заборавени. И за нивниот случај, Заев повторно би рекол, тоа е живот. Како што споменав, заситен сум од политички личности кои ветуваат розови градини, напредок, демократија… за на првото ќоше од уплав или за лични интереси да се засолнат некаде. Нека им е, брзо ќе бидат заборавени.

Подолу од писанието ќе раскажам една секвенца од животот на Жак Кајо роден во 1592 година во Нанси, Франција, каде и починува во 1635. По многу нешта невообичаен и интересен ликовен творец, малку познат во пошироката јавност, но за вистинските љубители и познавачи на ликовната дејност Кајо е препознатлив со неговото чувство за забележување на навидум неважни нешта, настани или личности. Жак Кајо преку своите дела ни се преставува како бравурозен илустратор и најповеќе како маестрален гравер кој  создаде свој специфичен свет оплеменет со високи ликовни вредности!

Многу ликовни естетичари кои ги анализират и истражуват делата на Жак Кајо, него го сметаат за  ревносен ликовен хроничар на неговото време кој во делата внесува голема доза на сатира и траги-комичност! Можеби од неговото кратко престојување во Италија се здоби со цртачкиот манир (во позитивна смисла на зборот) ,,карикаре,, што значи несразмерно нагласување на делови од ликот или телото на одредена личчност, со што се добива намерно изобличување во една или друга насока, или преведено на денешен јазик тоа е карикирање, односно карикатура! Оттука, Кајо е меѓу првите ликовни творци кој ги поставува темелите на социјалната и посебно на политичката карикатура!

И додека со ваквиот ликовен јазик, Жак Кајо се здобива со големи симпатии кај обесправените граѓани кои како негов ликовен мотив ги среќава по улиците од сиромашните квартови, од страна на личности припадници на високото општество, Кајо почнува да биде гледан како човек кој го изобличува  и ,,нереално,, ликовно го забележува севкупното живеење од тогашното француско општество! При една средба со висок градски службеник од Нанси, Жак Кајо бил запрашан: Господине Кајо, дали сте свесни дека со ваквата вулгарна ликовна дејност, вие си ја ставате вашата глава на конец? Зошто така мислите, запрашал Кајо!? Сите тие гротесни цртежи и гравури кои ги правите полни со питачи, бездомници, сакати војници, кловнови, сето тоа може да се протолкува како да работите против нас! Јас мислам, продолжил службеникот, дека животот има и убави страни, тој не е толку мизерен каков што вие го прикажувате!

„Јас го забележувам животот таков каков што јас го гледам и доживувам! Тоа што личностите од моите цртежи или гравури ги карикирам, и некои состојби и појави од нашето заедничко живеење ги нагласувам, тоа го правам за ваше добро почитуван господине“, рекол Кајо!

„Како тоа мислиш за наше добро“, зачудено го запраша високиот службеник!?

„Слушајте ме внимателно“, му одговорил Кајо! „Во моите цртежи народот се препознава себе си во еден друг облик, во карикирана состојба! Тоа нив ги засмејува и за момент заборават на нивната сиромаштија и социјална беда! Бидејки вие често забегувате, се одлепувате од рајата, без моите гравури и цртежи граѓаните би се свртиле кон гневот кој може да роди незадоволството, а со тоа и револуција! Во таков случај почитуван господине, вашите глави нема да висат на конец, туку истите многу лесно може и да ги загубите!“

Службеникот малку се позамислил, потоа тапкајки го Кајо по рамо  му рекол:

„Господине Кајо продолжете со вашата благородна дејност, колку таа мене да ми заликува на неблагодарна!“

Пораките на Жак Кајо важат и во денешни дни. Нашите преставници, избрани од граѓаните за да ја водат државава во вистинската насока,  ако се видат забележани во некое „карика(ту)ре“ во форма на збор или ликовен приказ, не треба да се муртат, туку тоа да го прифатат како благонаклонет совет и опомена за да не забегуваат некаде во облаците а со тоа се одлепат од рајата.