Make friends, not enemies

Создавајте пријатели, не непријатели

Не треба да се зборува многу за улогата на Соединетите Американски Држави (САД) во светот и тоа не само како воена и политичка сила, туку и како економска, особено финансиска, но и научно-технолошка и развојна сила, создавач на трендови во културата, особено филмот, музиката, па и другите видови културни дејности. Без ваква земја светот веројатно би бил поинаков. Но и таа земја се соочува со проблеми кон кои овде ќе се направи обид за осврт.

САД не ги одминуваат циклусите на економски подеми и падови, што по теорија е основа на капиталистичкиот начин на уредување. За таквите подеми и падови може да придонесе и економската, но и другите политики и активности што се водат во земјата, како и надворешните влијанија. Оваа земја моментно е во економски подем, со ниско ниво на невработеност, при што се обидува и да ги врати дома инвестициите што нејзините економски субјекти ги извршиле во странство. Но, последните три-четири години е растргната со внатрешни политички поделби помеѓу либералните демократи и конзервативните републиканци. На ова во последно време се додава и влијанието на верските поделби, ширењето на речиси сите видови криминал, напливот на нерегуларни имигранти, особено од земјите на Средна и Јужна Америка кои со себе не носат значајни технолошки и други знаења и искуства. На линијата Јужна-Средна Америка-Мексико се случува и сериозен прилив на различни видови дрога која нелегално се внесува во земјата и се дистрибуира насекаде. Проблемот е толку сериозен што тековниот Претседател на земјата се обидува да изгради ѕид по целата должина на границата со Мексико. При ова се соочува со наведените внатрешни политички поделби и не само што не наоѓа на разбирање, туку наидува и на сопки и саботирања, како од страна на другата политичка опција, така и од дел од високите претставници на неговата политичка опција.

Кај овој наплив на имигранти и дрога постојат три основни елементи: како прво, ваквите имигранти претставуваат товар за економијата, но и за населението и за инфраструктурата, па и здравството; како второ, со внесувањето на дрогата во земјата исклучително негативно се влијае на општата здравствена состојба на населението, меѓу другото и на расположливоста на работоспособна работна сила, и како трето, плаќањето на дрогата кон земјите од кои таа доаѓа претставува сериозен товар за економијата на земјата и претставува одлив на средства. Од друга страна, во земјите од кои доаѓа дрогата се шири “лоша крв“ и локална мафија, наместо да се создаваат интелектуални и производствени капацитети што ќе придонесат за развојот на таквите земји, подобар стандард за населението и помалку емигранти.

Следниве аспекти исто така треба да се земат предвид. Како воено-политичка сила САД имаат воени бази речиси низ цел свет. Таму имаат ангажирано бројни воени сили и оружје. Во однос на воените сили постои проблем што околу 250.000 лица, распоредни во базите, не се способни за војување. Ова се официјални, јавно објавени податоци. Ако овие лица не се способни за војување, веројатно би биле способни за вклучување во безбедносните сили во земјата кои сега се борат со зголемениот обем на внатрешен криминал и со напливот на имигранти и дрога, а се недоволни. Предлогот е да се намали како бројот на бази, така и да се повлечат голем дел од сега распоредените лица во сите бази, особено неспособните за војување, и истите да се распоредат во безбедносните сили на локално ниво, на ниво на сојузни држави и во силите за одбрана на границите, но притоа да бидат плаќани од сојузниот буџет, како што сега се плаќаат како воени лица. На овој начин на локално ниво би се зголемила безбедноста, а дополнително ангажираните лица не би претставувале финансиски товар за општините и за сојузните држави. Исто така, треба да се има предвид дека, особено при економски циклуси на подем, во земјата се јавува недостиг на кадри, а такви кадри можеби “лежат“ по базите.

За САД доста висока ставка се и трошоците за здравствено и пензиско осигурување на воените ветерани. Поради честите војувања на терен, има голем дел инвалидизирани и трауматизирани поранешни воини на кои сега им е потребна здравствена и друга заштита. На пример, двајца врвни економисти од САД имаат објавено книга во која проценуваат дека војната во Ирак ќе чини околу три илјади милијарди долари, сметајќи ги и воените ветерни и грижата за нив (значи, сеуште ќе  чини!). Дали и овој аспект е причина што оваа земја во последните две години нема “отворено“ нова војна, односно се обидува да ги “затвори“ и постојните војни и воени жаришта во кои се вклучени американски војници?

Во толку големиот број воени бази е распоредено огромно количество оружје и борбена техника. Толкавата воена техника меѓу другото бара одржување кое претставува не само финансисиско оптоварување, туку особено за постарите видови воена техника понекогаш е речиси невозможно да се најдат резервни делови. Поради тоа деловите се вадат од постојни слични уреди, па овие последниве постануваат неупотребливи. Значи, на овој начин се намалува обемот на дневно оперативна воена техника. Како пример, при еден од последните случаи на урагани, од една база се повлечени најмодерните авиони Ф-35 што биле во летачка состојба, но на удар од невремето останале неколку вакви авиони што не биле во летачка состојба (и ова се јавно објавени податоци). Следен проблем со големиот обем, особено модерна воена техника, е недостигот на стручно обучени лица што ќе ракуваат со ваквата техника. Такви лица едноставно се недоволни.

Во однос на расположливоста на кадар способен за вклучување во воените сили, сериозен проблем е дебелината на младите Американци на возраст за вакво вклучување. Јавно е објавен податок дека околу 60 проценти од младите на соодветна возраст, поради наведената дебелина не се погодни за истото. И ова е еден од елементите што одат во прилог на намалување на бројот на воени бази и на персоналот во нив. При ова треба да се земе предвид дека со развојот на воената техника се’ помалку ќе има потреба од ангажирање на “војници“ на воените полиња, а проблемите ќе се решаваат со војување од далечина. И ова исто така оди во прилог на намалување на бројот на воените бази низ светот. Инаку, се знае дека САД имаат годишен обем на вложувања во одбраната колку неколку големи земји заедно, како на пример, Кина, Руската Федерација, Британија, Франција. Индија итн.

Во овој контекст треба да се има предвид и следното: како технолошки високоразвиена земја, земја што се простира на голема површина, САД имаат обемна инфраструктура – автопати и регионални и локални патишта, мостови, тунели, водоводни и други инсталации, брани, објекти во јавното здравство, образованието и социјалната заштита итн., што се’ бара одржување, но и градба на нови инфраструктурни објекти. Овие објекти исто така се на зголемен удар на временските непогоди поради глобалното затоплување. Но, во земјата се’ повеќе се увидува дека ниту одржувањето на постојните, ниту градбата на новите објекти е доволно. И, еве сега, значително спротивставените две политички опции – демократите и републиканците, пред извесно време “ги закопаа секирите“ во едно – да се обезбедат две илјади милијарди долари за овие намени, за да се запре забрзаното пропаѓање на инфраструктурата. Сеуште се нема идеја откаде ќе се обезбедат толку средства, но еве можност – од намалувањето на бројот на базите и ангажираните воени лица и персонал да се обезбеди дел од овие пари.

Можеби еден од најсериозните проблеми за оваа земја е степенот на, во последно време, длабоката внатрешна поделеност по политичка основа. Земјата не памети ваква поделеност. Тоа особено беше и е видливо при последните претседателски избори. Јавно е познато дека посебна Комисија работеше речиси две години за да утврди дали при последните избори имало вмешаност на Руската Федерација – на страната на републиканците (замислете, двегодишниот ангажман на Комисијата, во Американски услови, чинеше околу 23 милиони долари, а работата на нашето Специлајно јавно обвинителство досега чини околу 22 милиони Евра!). Овие денови Комисијата ја заврши работата и утврдила дека нема таква вмешаност. Во меѓувреме, во текот на истрагите се осудени неколкумина квалитетни лица од страната на Републиканците, односно им се запечатени нивната кариера и приватни животи. Сега се покренува друга постапка – да се утврди вмешаноста како на Украина во претседателските избори така и на Централната разузнавачка агенција, познатата ЦИА, но на страната на демократите, а против сега легално избраниот Претседател на САД. За ваквата вмешаност индикациите дојдоа од правосудните органи точно на Украина. Постојат индикации дека вмешаност на оваа линија има и од неколкумина влијателни богати лица кои свои прсти мешаат и во други земји во светот. И ова ќе ја продолжи политичката криза во САД.

За поделувањето на општеството, но и за помалата ефикасност на администрацијата можеби придонесува и самиот систем на избори. Имено, во земјата практично се спроведуваат избори на секои две години – еднаш за претседател на САД и за половина членови на претставничките тела, а по две години за втората половина членови на тие претставнички тела. Ова значи дека земјата е во постојан политчки грч, односно дека на претседателот, оттука и на администрацијата, не му е оставено на мира да спроведува свои замисли во корист на земјата, туку треба постојано да учествува во некакви предизборни и изборни активности. Заради тоа, би било добро САД да го сменат моделот на избори така што ќе ги укинат меѓуизборите за половината членови на претставничките тела и сите избори ќе се одржуваат едновремено. Со вака воспоставениот систем на помирно владеење корист ќе имаат и земјите во светот, особено помалите како нашата, бидејќи и во делот на меѓународните ангажмани САД ќе имаат можност да донесуваат мерки кон ваквите земји кои повеќе ќе бидат во нивна корист. Исто така, можеби ќе имаат можност подобро да ги согледаат мешањата на неколкуте богати лица во работите на помалите земји во светот и ќе застанат во нивна одбрана. Од не помала важност е во така помирни услови на владеење да согледаат дали можеби својата надворешна политика ја ставаат во функција на одделни други земји во светот, во функција на одделни големи домашни или странски компании или спроведуваат политики на некои многу богати лица или политички, односно религиозни опции. Тоа би довело до исполнување на мотото од почетокот на овој текст: создавајте пријатели, не непријатели.

Американски пријател

Владимир Павлески