По силното невреме што претпладнево ја зафати Атина и покрај тоа што не траеше долго, но беше со голем интензитет, голем дел од улиците во грчката престолнина се поплавија, неколку атински населби се без електрична енергија, а противпожарната служба добила 190 повици за помош, јави дописничката на МИА од Атина.

Повиците до противпожарната служба биле во најголем дел за затнати канализации, но имало и такви за помош при заглавени лица во нивните автомобили.

По наредба на полицијата, затворени се улици и булевари во Атина, а според грчките медиуми потребно било да се евакуираат две метро станици, една поради прекин на струјата, друга поради насобрано големо количество вода.

Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција, преку официјалниот Твитер профил, објави упатства до граѓаните да бидат особено внимателни за време на екстремните временски услови и да избегнуваат движење во деловите зафатени од невремето, а паралелно упати апел до медиумите итно да ја пренесат пораката за граѓаните да бидат навремено информирани.