Директорот на Државниот завод за статистика најави дека конечните резултати од Пописот ќе бидат објавени на 30 март, за што се подготвува настан во салата на Филхармонија.

-На Пописот секој граѓанин имаше право да се попише како што смета. Илузија е да се очекува да има раст на населението кога има пораст на емиграција, вели Симовски во денешното гостување во „Студио 10“ на ТВ24.

Според него, демографска стратегија пред 16 години била многу погрешна.

-Ни емигрираат млади луѓе кои го носат наталитетот. Треба друг тип на политика. И кога ќе се направат најдобрите мерки не може да се очекува демографски бум. Секој од нас да има можност од квалитетна работа, втор фактор – можност за квалитетно образование, требаат и квалитетно здравство и добра комуникација и петто, човечките потреби да има можност секаде да се задоволат. Проблемот е и со миграцијата на внатрешно ниво, посочува Симовски.

Пописот траеше од 5 до 30 септември 2021 година. Според Државниот завод за статистика објавени веднаш по завршувањето на Пописот, беа попишани вкупно 1.832.696 лица, регистрирани се 568.175 домаќинства и 837.255 станови.

Последниот попис во државава беше одржан во 2002 година, кога вкупното население изнесуваше 2.022.547 лица.

Симовски најави дека ќе има големо незадоволство по објавувањето на резултатите од пописот што се одржа лани, во екот на третиот бран на корона вирусот.

Некои од партиите на Албанците во Македонија веќе прогнозираат дека нивниот процент од населението ќе скокне од 25 проценти во пописот во 2002 година на 30-35 проценти. Во исто време се шпекулира и дека бројот на Македонците значително ќе падне, во полза на други етнички заедници, меѓу кои и Бугарите.

Директорот Симовски потврди дека стравувањата за манипулирање со пописот се оправдани.

– Наредните месец дена ќе бидам државен непријател, но ние не сме џубокс за исполнување на желби, туку треба да направиме реална фотографија за населението, изјави тој.

Симовски се закануваше со кривични пријави против лицата кои повикуваа на бојкот на пописот, но се смета дека дел од населението во Македонија, и голем процент од македонската дијаспора, ја бојкотираа оваа изнасилена операција. Во исто време, Албанците масовно се попишуваа во дијаспората, а и во Македонија се запишуваа лица кои живеат во странство, а наводно се државјани.