Синдикатот на Македонска пошта денеска преку соопштение го повика генералниот директор на Пошта, Јани Макрадули, да ја преиспита одлука за распишување јавен оглас за вработување на нови триесет и еден административен работник.
Како што стои во соопштението, имајќи ја во предвид лошата финансиска состојба, според нив, постои можност поголемиот дел од испразнетите работни места да се пополнат со внатрешно прераспоредувања од постоечките кадри и со тоа да се овозможи пренамена на планираните средства за нови вработувања, истите да се наменат за зголемување на платите на вработените кои, како што велат, повеќе од 30 години не се зголемени и се далеку под просечна плата.
– Согледувајќи ја лошата финансиска состојба на Друштвото предизвикана од намалените приходи како и направената анализа на распишаниот јавен оглас за нови вработувања во Пошта објавен во дневните весници „Слободен печат“ и „Коха“ во изданијата од 24-25 јули 2021 година, укажува дека 80 отсто од посочените вработувања не се во согласност со реалните потреби на Друштвото, односно со цел за поголема ефикасност, продуктивност и мотивација во работењето, тие испразнети работни места може да се пополнат со внатрешно прераспоредување на постоечките кадри во самите Подружници и Дирекција, стои во соопштението.
Нивниот став е дека само неколку испразнети работни места кои не се повеќе од пет до седум работни места, односно 20 проценти од вкупниот број на објавените вработувања во огласот со високо образование се оправдани, од причина што за нив се бара соодветно образование и истите претставуваат реална потреба за пополнување со нови вработувања. Додека, пак, како што велат, останатите 80 отсто од објавените работни места се крајно непотребни и непродуктивни, а истите, според нив, може да се пополнат со внатрешно прераспоредување од постоечките кадри согласно нивниот работен стаж и искуство, имајќи во предвид дека за тие работни места не е потребно соодветно образование, односно може да се реализираат и со кое било друго високо образование.
Од синдикатот наведуваат дека друштвото не спровело постапка на информирање и консултирање со Синдикатите и не побарало мислење за ова прашање кое, според нив, директно ќе има импликации на другите вработени, нивните плати, како и на опстојувањето на поштата.
– На тој начин постапката е спроведена спротивно на Законот за работните односи, конвенциите на МОТ и директивите на ЕУ за информирање и консултирање, стои во соопштението.
Особено загрижувачко, како што наведуваат, е нивото на плата на 80 проценти од вработените кои се во технолошкиот процес каде што нивната плата е приближна на минималната плата, а потребата за пренамена на средствата за зголемување на платите е, како што велат, дотолку оправдана и неопходна со оглед на секојдневните зголемувања на цените на основните намирници за живот.
-Барањето за зголемување на платите е во согласност со Меморандумот за соработка и разбирање од 18 декември 2019 година во кој Работодавецот и синдикатите се обврзуваат за изнаоѓање решение за реализација за зголемување на платите на вработените, стои во соопштението.