Додека ние јадеме конзерви тие од кабинетот на министерот Оливер Спасовски и власта кркаат топла зготвена храна, со десерт, сок и апетисани, реагира денеска Синдикат на македонската полиција (СПМ).
– Додека „НИЕ“ од кабинетите на Министерот, на Директорот, на заменик Министерот ќе кркаме топла и зготвена храна, после неа ни следува убав десерт со сок по желба и апетисани (оревче, лешничиња, индиски ореви ммм….)на крај…. Ова е денешната вистинска слика на оброкот на „задоволниот“ полицаец од онаа виртуелно задоволната полиција на нашиот ни најдобар министер за внатрешни работи, објавува СПМ на својот официјален профил на Фејсбук.
Натаму СПМ во објавата додава:
– И покрај тоа што нема никаква заштита, а е во првите редови од кордонот, со стари и дотраени панцири, шлемови, плочи… гас маски е луксуз оти нив ГИ НЕМА… и покрај се… Ова е денешниот „европски“ оброк на македонски полицаец кој 12 часови е ставен во кордон и оставен и заборавен на милост и немилост во ова време-невреме. Господа од кабинетите, кркајте Вие бифтеци и манџи, а ние тоа што останало по магацините, конзерви. ЗАСРАМЕТЕ СЕ, СРАМОТА! ДО КОГА ЌЕ ГО ПОНИЖУВАТЕ МАКЕДОНСКИОТ ПОЛИЦАЕЦ!?, се наведува во објавата на СПМ.
Наспроти поплаките на синдикатот, министерот Спасовски речиси секој ден на својот официјален профил објавува постови за „високите стандарди во МВР“ кои биле воведени откако тој е министер.
И додека полицајците се жалат на основни услови за работа, Спасовски вчера најави дека од идната недела ги вклучува во акција за заштита на Македонија од нечист воздух.