Независниот синдикат на професионални војници (НСПВМ) најавува дека од недела започнува штрајк пред Владата. На ваков чекор се одлучиле бидејќи, како што велат веќе две години Владата за дел од професионалните војници не презема никакви активности за префрлување во друга институција.
-Согласно член 40а од Законот за служба во Армијата, професионалните војници со наполнување на 45 години старост се префрлуваат во други сродни институции. Но веќе 2 години од страна на Владата за дел од професионалните војници не се преземени никакви активности за префрлување во друга институција. Затоа НСПВМ презема активности со своите членови и на ден 22.05.2022 година пред Владата на РСМ ќе постави шатор и вреќи за спиење долж тротоарот пред Владата и таму ќе остане се додека не се исполни нашето барање, велат од Независниот синдикат.
Истакнуваат дека од основањето континуирано и интензивно работат за подобрување на стандардот на вработените во Армијата, на подобрување на односите Синдикат – работодавач – Министерство за одбрана, подобрување на условите за работа, инсистирање на зголемување на буџетот на МОРСМ, на подобрување на опремата за вработените, на корекции во Законот за служба во АРМ за подобрување на условите за живот и работа на вработените.
Од НСПВМ ја повикаа министерката за одбрана Славјанка Петровска да им даде поддршка и да им се приклучи.