За Конфедерацијата на европски синдикати е неверојатно што во нејзиниот говор во Стразбур утринава, претседателката на Европската Комисија не ги спомна работниците и нивните ниски плати, јави дописничката на МИА од Брисел.
Урсула фон дер Лајен утрово од пленарната седница на Европскиот Парламент во Стразбур го одржа редовниот годишен говор за состојбата на Европската Унија, во кој таа се осврна на војната во Украина, и последиците врз енергијата и цените.
Генералниот секретар на Конфедерацијата, Лука Висентини, истакна дека реалната состојба на Унијата е што работниците ширум Европа се смртно загрижени за тоа како ќе ги загреат своите домови зимово кога паѓаат платите, додека директорите и акционерите уживаат растечки профити и дивиденди.
Иако Висентини го поздрави фактот што фон дер Лајен спомена теми како ограничувањето на цените на енергијата и привремена такса за енергетските компании, тој смета дека е ненормално што ниту еднаш таа не ги спомена платите на работниците, ниту пак фер корпоративен данок, неопходен за финансирање на јавните услуги.
– Втора година по ред претседателката држи говор кој е многу слаб во однос на социјалните права. Не се споменаа ниту правата на жените и покрај жртвата што ја дадоа пред сѐ работничките со ниски плати за време на пандемијата, истакна генералниот секретар на Европските синдикати.
За заштитниците на синдикалните права во ЕУ говорот на претседателката е далеку од доволен со оглед на кризата без преседан што ги очекува граѓаните на ЕУ, пред сѐ работниците. Синдикатите бараат да се ревидираат и фискалните правила на ЕУ темелно и да се дозволи поголем маневарски простор за јавни инвестиции, посилен јавен сектор, и социјална заштита.
Овие фискални правила беа суспендирани за време на кризата со Ковид-19, но Конфедерацијата на синдикати смета дека тие треба целосно да се сменат.
– Дупките во овој говор ја нагласуваат важноста за ЕУ и националните влади во соработка со синдикатите да изготват и испорачаат итно мерки кои се потребни за да се стави крај на кризата на цените на живеење, рече Висентини.