На денешниот Економско-социјален совет не е постигнат договор околу методологијата на плати во јавниот сектор, но како што изјавија претставниците на синдикатите по состанокот, има поместување од страна на Владата и Министерството за финансии во поглед на нивните предлози и забелешки.
Синдикатите денеска доставиле предлог со кој бараат платите на избраните и именуваните лица да се вратат на ниво како пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде како за работниците, така и за функционерите. Предлогот на синдикатите е инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основен параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор и сите да добијат процентуално зголемување на платите.
– Тоа што ние го предложивме е инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор, од најниската категорија на работно место до највисоката, претседател на државата, и сите да добиеме процентуално зголемување на платите, изјави по средбата претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.
Нова средба е закажана за среда во 9 часот во Министерството за финансии.
Трендафилов вели дека нијанси се во прашање, меѓутоа дека тие нијанси се големи и дека сеуште се далеку од договор.
– Прифатлив е моделот од две и пол години за да добиеме методологија како во делот на минималната плата со тоа што ќе имаме просечна плата по коефициент на сложеност по истекот на две години, но како ССМ сметаме дека доколку од септември се случи тоа, да почне примената на Општиот колективен договор за јавен сектор, функционерските плати треба да се вратат на нивото пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде како за нив, така и за работниците, рече Трендафилов.
Решението што ќе се вклучи во Општиот колективен договор, вели Трендафилов, мора да важи за сите подеднакво.
Предлогот на ССМ и на останатите синдикати, како што додаде, е во насока на тоа да се утврди на кој начин ќе пораснат платите.
Според претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков, формулата просечна плата по коефициент на сложеност на работно место е моделот што треба да се применува во наредниот период.
– Тоа што не интересира како СОНК и како Конфедерација на слободни синдикати е периодот на усогласување на платите. Не зборуваме за зголемување, туку за усогласување на плати. Тоа ние мораме оваа година да го компензираме за да дојдеме на исто ниво од лани. Во спротивно, секакво усогласување на плати под овие проценти би значело свесно уназадување на нашиот буџет. Тоа сигурно нема да го прифатиме и мора да го сработиме сето во текот на 2023 година, изјави Неделков по состанокот.
Во однос на транзицискиот период на усогласување во 2024 и 2025 година рече дека би бил прифатлив кога би биде договорена динамиката за усогласување на платите согласно постоечките колективни договори.