Во Сингапур уапсен е 16-годишник  затоа што наводно планирал напад на две џамии на 15 март годинава, на двегодишнината од терористичкиот напад во Крајстчрч, Нов Зеланд, пренесува Би-Би-Си.

Наводно, тинејџерот бил инспириран од Брентон Тарант, убиецот од Крајстчрч, и планирал да ги прободе своите жртви со нож и да го пренесува нападот во живо.

Властите не го соопштија идентитетот на 16-годишното момче, но рекоа дека тој бил член на протестантската црква, и бил со индиско потекло.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека тој бил мотивиран од силна омраза кон исламот и фасциниран од насилство.

Нападот во Крајстчрч беше најголемото масовно убиство во историјата на Нов Зеланд. Вкупно 51 лице беше убиено во две џамии на 15 март 2019 година, а напаѓачот Тарант е осуден на доживотен затвор без можност за условна казна.