Израелски воени авиони рано утринава извршиле ракетен напад во близина на сирискиот главен град Дамаск.
„Израелскиот непријател почна воздушна агресија со серија проектили, истрелани источно од Бејрут, со кои се гаѓаа некои точки во близина на Дамаск“, соопшти сириската државна агенција, повикувајќи се на воен извор, пренесува Анадолија.
Изворот наведува дека сириската противвоздушна одбрана ги пресретнала проектилите и соборила дел од нив. Но, воениот извор потврди дека во нападот е причинета материјална штета, не соопштувајќи повеќе детали.
Израелските власти не ги коментираа наводите на сирската армија.
Израел со години ги гаѓа иранските и сириските режимски сили во Сирија и ретко презема одговорност за нападите.