Врховниот командант на вооружените сили на Украина, Александар Сирски, соопшти дека ситуацијата на правците Александровка и Гуљајполе се влошила, каде што руските сили напредувале и зазеле три населени места.

– Ситуацијата на правците Александровка и Гуљајполе значително се влоши, каде што непријателот, користејќи бројна надмоќ во сили и средства, напредуваше во жестоки борби и зазеде три населени места. Војниците на Јужната група сили водат исцрпувачки борби за Ровнопољ и Јаблуково, напиша Сирски на социјалните мрежи.

Тој нагласи дека украинските сили преземаат мерки за поддршка и дека комбинираната огнена моќ му нанесува „значителни загуби на агресорот“.

– Секој метар од нашата земја ја чини Русија стотици војници, истакна Сирски.

Според него, само во оперативната зона на Јужната група сили во последните три дена руската армија изгубила околу 800 војници и повеќе од стотина единици различна воена техника.

Сирски наведе дека руските трупи во моментов се најактивни на Покровскиот правец, каде што се одвива околу 40 проценти од борбите.

– Украинските одбранбени сили продолжуваат да делуваат според принципот на активна одбрана. Во тешки услови и против надмоќен непријател, нашите единици одбиваат напади на повеќето правци и продолжуваат со извидувачко-ударни операции, рече тој.

Сирски додаде дека руските сили ја зголемиле активноста и во Запорошката област, користејќи ја маглата за инфилтрација во украинските позиции.

– Го зголемуваме ефектот од користењето на домашното оружје со долг дострел, ракетите „Нептун“ и „Фламинго“, како и млазните дронови. Тоа претставува ефикасна пречка за непријателот, додаде украинскиот командант.