Владата на Обединетото Кралство нема одбранбен план во случај на конфликт, ниту пак постои план за мобилизирање и започнување воена индустрија и покрај зголемените тензии во светот, тврди Скај њуз.
Според британскиот медиум, претставници од министерствата за одбрана и за внатрешни работи, како и од кабинетот на премиерот Риши Сунак, ќе се состанат следната недела за да разговараат за тоа како Лондон ќе одговори во случај на вооружен конфликт.
Скај њуз, исто така, посочува дека официјалните лица го испитуваат стариот, но сеопфатен систем за транзиција од мир во војна од документот „Владината воена книга“ на Националниот архив, како и разгледување на тактиките од Втората светска војна за тајните фабрики што го овозможија проширувањето на производствениот капацитет на воена опрема.
Во говорот во јануари, министерот за одбрана Грант Шапс потсети на предвоената ситуација и најави дека во рок од пет години Британија на некој начин би можела да влезе во конфликт со Русија, Северна Кореја, Кина и Иран.
Високи воени претставници предупредуваат дека противвоздушната одбрана на земјата е слаба, а крајбрежна одбрана „практично не постои“, додека цивилите и индустријата, како што тврдат, се целосно неподготвени за конфликт.
Некои функционери велат дека се обиделе да извршат притисок врз владата во одбраната пред една деценија поради зголемената закана од Русија, но дека подготовката за војна била премногу скапа, а властите ја негирале можноста за обновување на тензиите меѓу Западот и Москва, пишува Скај Њуз.
Медиумот тврди дека, во случај на конфликт, треба потсетување на системите и практиките од Втората светска војна и Студената војна, кои вклучуваат мобилизација на населението, брза индустријализација, трупање пари, затворање училишта и рационализирање на храна.
фото: ЕПА архива