Итно повлекување на предлог законот за попис и постигнување национален, општествен и политички консензус, побара лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ побара разум од власта, најавувајќи дека доколку не се прифатат нивните барања, партијата нема да ги признае резултатите од пописот. Предупреди дека заедно со граѓаните ќе се борат за поништување на предлог законот кој треба да се изгласа во Собранието.

-ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните ќе отпочне иницијатива на собирање потписи во Министерството за правда и како резултат на тоа собирање на потписи и таа иницијатива ќе доставиме предлог закон во Собранието со кој што ќе предвидиме поништување на овој закон кој што по насилен пат се подготвува владејачкото мнозинство да го донесе и за ова повикуваме на масовна мобилизација, изјави Мицкоски.

Споменувајќи ги недостатоците во предлог законот, Мицкоски потенцира дека попис не може да се спроведе без постигнат консензус, кој во случајов го нема. Власта во Собранието ги одби сите 40 амандмани, кои опозицијата ги поднесе, а според ВМРО-ДПМНЕ ке ја зголемеле довербата на граѓаните во оваа статистичка операција.

-Попишувањето е предвидено без покажување на било каков доказ и лична идентификација, да биде завршено со едноставно диктирање на матичниот број. Дали може да се случи едно лице да диктира повеќе матични броеви, без притоа да  покаже соодветен доказ дека тие во моментов се резиденти односно се наоѓаат на територијата на Република Македонија?, прашува Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека целта на власта е политичка операција, а не статистичка. Барајќи пописот да се одложи, спомена и држави каде тоа веќе е направено

-Поради КОВИД пандемијата ќе наведам неколку држави многу поразвиени од Македонија кои што веќе го одложија пописот. Имено, Германија пописот планиран за 2021 година го одложи за мај 2022 година. Шкотска пописот планиран за 2021 година го одложи за март 2022 година. Ирска пописот планиран за 2021 година го одложи за април 2022 година, изјави Мицкоски.

Мицкоски најави дека во текот на следните три дена, сите аргументи на опозицијата ќе бидат кажани од страна на пратениците преку собраниската говорница, велејќи дека власта се плаши од јавна дебата околу пописот.