Блаже Атанасовски од Скопје е победник на 20-тиот јубилеен традиционален меѓународен турнир во шах што Здружението на слепи лица од Тетово викендов го организираше на Попова Шапка. За првото место покрај пехар доби и парична награда од три илјади денари, информираа од Здружението.
Втората позиција ја освои Лука Булатовиќ од Белград, Србија, a трето место Зоран Костадиновски од Скопје. Наградени се со пехари и парични награди од 2.500 и 2.000 денари.
Наградени беа и четвртопласираниот Миле Бјелановиќ од Белград и Раша Јаковлевиќ од Косовска Митровица.
Вкупно 20 учесници има овогодинешниот традиционален меѓународен викенд шаховски турнир за лица со оштетен вид. Покрај домашните учесници учествуваа и шахисти од Србија, Бугарија и Турција.
Се играше на осум табли по швајцарскиот систем со специјална Брајова табла, но и според правилата на светската шаховска федерација.