Приватните автобуски превозници денеска од шест часот наутро повторно поставија блокади на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и Булеварот Илинден околу локацијата на градското Собрание. Тие велат дека овој пат нема да ги тргнат блокадите се до исполнување на нивните барања.
Кемал Муриќ од приватниот превозник „Слобода превоз” вели дека нема да се тргнат блокадите додека нема напредок за излез од состојбата.
– Како што најавивме денеска автобусите се паркирани и ќе бидат тука се додека нема напредок од состојбава, односно да не викнат на разговори и да се договориме за динамиката за исплата на заостанатиот долг, да продолжат неделните уплати за да можеме да се вклучиме на линија се со цел да не трпат граѓаните, рече Муриќ.
На прашањето за новиот јавен повик за поединечно аплицирање на возачите, тој рече дека тоа е обид за разбивање на единството на привстните автобуски превозници.
На протестот со блокадите низ градот Скопје се автобуските превозници од двете компании, „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.
МВР: Посебен режим на сообраќај во делови од градот
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека денеска поради најавено одржување на протест, со почеток во 06.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот.
Посебниот режим на сообраќај ќе биде воспоставен на бул. „Илинден“ – од крстосницата на бул. „Илинден“ со бул. „Св. Климент Охридски“, до крстосницата од бул.„8 Септември“ и бул. „Илинден“ – крстосницата од ул. „11 Октомври“ и бул.„ Кочо Рацин“ (Црвен крст) и крстосницата од бул. „Гоце Делчев“ и бул. „Крсте Мисирков“ (Судска палата).
Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот.