Четирите воени авиони „СУ-25“ што Македонија за време на конфликтот во 2001 година ги купи од Украина за четири милиони евра деновиве ѝ се донирани на Украина, дознава МКД.мк.
Од Министерството за одбрана оваа наша информација не ја демантираа, ниту пак ја потврдија. Се работи за авионите што Македонија планираше да ги продаде уште во 2004 година, пишува порталот.
На прашањето дали е точна информацијата дека Македонија, по тенковите, ѝ ги донирала и воените авиони „сухои“ на Украина, од Министерството за одбрана одговориле: „Точните детали за сите три одлуки, нивната содржина и објаснување ќе бидат декласифицирани и транспарентно објавени. Со досега донесените одлуки не се нарушува борбената готовност на нашата армија“.
Деновиве, по објавувањето фотографии од тенкови натоварени на камиони, Министерството за одбрана едноставно беше принудено да ја потврди информацијата за донацијата на тенкови на Украина. МО потврди дека снимките што се појавија на социјалните мрежи, на кои се гледа транспорт на тенкови, се автентични и дека се работи за тенкови што Македонија ги испраќа како донација за Украина.
„Се работи за тенкови што се дел од тенковскиот баталјон на Армијата за кој е планирано да биде расформиран. Станува збор за трета генерација тенкови, кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа”, ја информираше Министерството за одбрана македонската јавност на 28 јули.
За време на конфликтот во Македонија, во јуни 2001 година Македонија купи четири бopбeни авиони „сухој СУ-25“ од Украина, три едноседи и еден двосед.
Партијата Левица во јуни соопшти дека од свиркачи, офицери вработени во армијата, дознале дека на воениот аеродром на АРМ се врши контрола и поправки на авионите „сухои“. „Според добиените информации, овие поправки се вршат од страна на украински воени инженери.
Во пролетта 2003 година македонското Министерство за одбрана декларира дека во формацискиот состав на АРМ веќе нема потреба од борбените авиони, а од 2004 година авионите се приземјени, конзервирани и подготвени за продажба.
Извор: МКД.МК