Припадници на Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден продолжија со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот на територијата на Град Скопје, при што се изречени вкупно 133 мерки, информира МВР.

Меѓу изречените казни се и 50 за возење со брзина поголема од дозволената брзина, осум за возење без возачка дозвола и три за технички неисправни и нерегистрирани возила.

Изречени се и 25 санкции за прекршоци што ги чинат возачите на мотоцикли, пет за користење на мобилен телефон, девет за прекршоци што ги чинат пешаците и 17 санкции за непрописно паркирани возила.

– Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта, се додава во соопштението на МВР.