Само една минута по полноќ во Новата 2019 година во Скопје се роди првото бебе. Новороденчето е здраво машко бебе со тежина од 3,92 килограми и 52 сантиметри.
Бебето дојде на свет на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство.
Мајката на бебето е од скопската населба Хиподром, а ова е прво нејзино дете.
Според народни верувања, какво ќе биде првото новороденче, таква ќе биде и годината. Па, според оваа вест 2019-та ќе биде машка година.
Ведран ќе биде името првото бебе родено годинава и прво дете на 25-годишната скопјанка Александра Ангеловска.
Министерот за здравство Венко Филипче, кој го посети Ведран заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов му посака да биде здрав и жив но, и како што рече, редовно да се вакцинира.
Филипче информира дека ноќеска на Клиниката за Гинекологија и акушерство при Универзитетскиот клинички центар во Скопје се родиле седум бебиња.
Дежурниот тим, според директорот на Клиниката Игор Самарџиски, бил прилично ангажиран со оглед дека имало неколку комплицирани случаи.
– На нашата Клиника во изминатата 2018 година се родија вкупно 4.630 бебиња, истакна Самарџиски.
Здравје и среќа на Ведран му посаката и министерката Царовска и градоначалникот Шилегов.
Мајката од Министерството за труд доби златник, а од Град Скопје штедна книшка со 20.000 денари, кадифено мече и бонбониера.
-Би сакала сите да добијат ваков подарок како мене. Се чувствувам прекрасно. Не очекував дека ќе се породам веднаш по Нова Година, но се надевав и ми се исполни тоа. Породувањето помина во најдобар ред, изјави мајката на Ведран, Александра Ангеловска.