Пишува: Блаже Миневски

Во османлиската империја за секој вилает, санџак и каза се водел регистар со податоци за животот на населението, а потоа со браникот материјал се печател како книга и секој што сакал можел да има увид во податоците што се објавувале. Ваквите годишни алманси биле објавувани од страна на османлиската власт од 1847 до 1922 година и во нив можат да се најдат податоци за аминистративно- територијалното уредување, за структурата и организацијата на цивилната и воената управа, за демографските, стопанските, образовните и културните прилики. Регистарот со податоци за Скопската каза првпат бил објавен 1879 година а последен пат во 1900 година, кога излегол осмиот том. Според преводот од османо-турски на македонски јазик на академик д-р Драги Ѓоргиев  и  д-р Ахмет Шериф на селнамето или регистарот за 1896/97 година, во Скопје како седиште на вилаетот работеле 17 муслимански и 17 христијански училишта, но немало ниту една библиотека.

Во Скопје нема простор во кој има три или пет книги на едно место!

„Колку е  потребно постоење  на училиште во еден град, толкава потреба постои и за библиотека. Ако ползата од училиштето е ограничена според неговиот вид, постоењето на библиотека е предодредено за секое образование и едукација. Еден пример: во некое место доаѓа странец и не познава никого. Се појавува некој проблем, или не може да најде место за да го помине времето, место каде што ќе оди или ќе се прибере е библиотеката.

Библиотеката е јавно место. Резултатите од истражувањата и научните достигнувања на илјадници мислители, без исклучок, произлегле од нејзиното користење. Поради тоа, една  библиотека се смета за основна потреба на еден град. Бидејќи не се согледа важноста на библиотеките, интересот за изградба на библиотека, така што предците да бидат познати во секој град, не  го достигна тој степен.

Една од вистините која ја објаснува важноста на библиотеката е грижата и сериозноста кои денес се покажуават во изградба на библиотеки во сите културни центри. Андалузиската и Багдадската библиотека за кои е неопорно дека ги формира здравите идеи учените и образовани муслимани кои не можеа да си замислат граница и крај во блесокот на изобилството, и кои беа причина за претворање на светот во една цветна градина, се најдобри сведоци за тоа. Денес Француската национална библиотека во Париз е библиотека којашто има 2,5 милиони книги. Европјаните уметничкото и образовното ниво на еден град го ценат според разнородноста и совршенството на  неговата  библиотека. Како што секоја рабнота во светот не е иста, неопходно е и во библиотеките да има разлика во поглед на нивната совршеност. Меѓутоа, во секое место, во согласност со неговата сотојба, мора да има по една библиотека.

Според кажувањата , Скопје  своевремено имало една  убава библиотека. Но за жал, мораме да признаеме дека денес во еден таков напреден град не постои место во кое има три, поет книги и во кое по потреба би навратиле. Се раскажува дека поради принудни причини, еден дел од постоечките книги од порано биле пренесени во Серез а еден дел во Истанбул. На тој начин Скопја останала лишено од една таква корисна работа. Дури, поранешниот валија, неговата возвишеност Фаик-паша, во време кога бил мутасериф на Скопје, со желба да ги врати книгите од Серез, бил во преписка со возвишениот Солунски вилает.“

Што крие долапот во Гази Иса-бег џамијата!

Во продолжение на официјалниот запис на власта за тоа дека Скопје бил единствен  град во Румелија, кој на крајот на 19 век нема библиотека, пишува:

Сепак, знаеме дека во тестаментот на  починатиот Гази Иса-бег, чија света џамија се наоѓа во Скопје, постои услов да се изгради убава библиотека. Но, иако во еден долап во светата џамија има пет, десет книги, па дури и чувар на книгите, тие не можат да се користат. За жал, има градови кои по големината и  важноста се како Скопје, па дури и помали, но кои имаат библиотеки според нивното ниво. Но, бидејќи нашето време, нашиот современ век, донесе  беспримерно корисни работи кои се применуваат во културниот и научен напредок на царските провинмции, сепак сме во силна надеж дека нашиот центар на вилаетот нема да се остане без една институција која спаѓа меѓу најважните цивилизациски потреби, како што е  библиотеката, и дека со силното и постојано залагање на нашиот возвишен валија и Скопје наскоро ќе биде почестено со една  ваква корисна институција“.

А каков град бил Скопје во 1896 година? Според регистерот во градот и 155-те скопски села, живеле 65.003  лица од кои 36.101 муслимани, а 38.002 се христијани, кои припаѓале на едната или на другата матрополија, односно на егзархијата и патријаршијата:

„Во Скопје и околните села, во периодот од 13 март 1894 до 12 март 1895 година, во вкупни 4.474 куќи, колку што има во казата, имаше 751 склучени бракови, се родија 632 машки и 778 женски деца, а починаа 655 мажи и 437 жени. Во казата има 32 чешми, 1410 дуќани и магацини, а  32 џамии, 17 свети месџиди, осум медреси, 19 текиња, седум турбиња, четири цркви, една синагога, две митрополии, 17 мусломански и 17 немуслимански училишта, една печатница, четири амами, 26 обични воденици на вода, осум хотели, една саат кула, 75 ресторани и меани, 44 анови, 33 јавни собиралишта, 69 фурни, како и една работилница за бичење дрва, две фабрики за брашно и една фабрика за гајтани кои работат на водена сила. Денес во Скопје има седум-осум амами, од кои четири се активни, кои работат на тој начин што еден дел од денот се отворени за мажи а еден дел за жени, додека еден од нив има два посебни дела за мажи и за жени. Посетителите ги привлекува големиот амам познат под името Давут-паша амам, кој е еден од запустените амами и кој има 99 камени корита. Кога во размислувањата се јавува потреба за изградба на еден толку голем амам, веднаш станува јасно кој степен го достигнал поранешниот процут на Скопје“, пишува во селнамето за 1896/97 година, книга од 800 страници, печатена во вилаетската печатница со предговор во кој меѓудругото се вели дека сите „селнамиња кои досега се издадени не можат да се споредат со нашето селнаме, затоа што ова селнаме со деталните описи не е селнаме туку прекрасна историја на вилаетот, со  фотографии на некои зданија и јавни објекти отпечатени вени во Виена, со ’ототип’ метод“.

Селнамето, односно  регистарот или алманахот завршува со табели за приходните на вилаетот за финансиската година од 13 март 1894 до 12 март 1895 година со ставки и за  данокот за овци, данокот за свињи, данокот за покриени објекти и слично.

Многу болни одат на бања во Катланово и оздравуваат!

Според годишникот на османлиската власт во Македонија, објавен зимата 1896/97 година, во  Скопската каза имало многу извори на топла и минерална вода, со врвен квалитет, многу подобар од  водата на бањите во Солун и Врање:

„Пет часа источно од Скопје, во селото Каталаново има две бањи, за мажи и за жени. Тие имаат топла, изворска вода со сумпор кој многу помага за некои болести. Од околните градови во летните денови многу болни одат таму и оздравуваат. Бидејќи таму, освен еден стар ан, се уште не е направен објект според  условите кои ги препоралчува медицинската наука, сите што имаат потреба од природната  лековитост на водата, не можат да ја користат. Иако, поради тоа што корист нема и државата, во последно време се појавуваат иницијативи и барања за разгледување на некои услови како што е изградба на соодветни, современи згради на споменатите бањи, со примена на европските стандарди и актививрање убави превозни средства. Според кажувањата природниот состав на минералната вода што извира во овие бањи е подобра од онаа во бањите во Солун и Врање. Притоа јасно е дека со примена на бараните стандарди, освен населението на вилаетот, и странците ќе ги користат нашите бањи за лекување. И во селата Вичидол и Арачиново, што се наоѓаат на 1,5 –  2 часа оддалеченост од Скопје, има по еден извор на кисела вода и, иако не се познати, од искуството се знае дека заслужуваат да бидат консумирани.“