Весковски и Шилегов договориле и направиле, па отпосле распишале тендер за да ја исплатат фирмата која реконструирала водоводна мрежа на улица „Варшавска“.

Ова се истакнува во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ, по вчерашната реакција на Весковски.

– Весковски направил кривично дело според член 353 од Кривичен законик, според демант кој во текот на вчерашниот ден го пушти ЈП Водовод и канализација јасно се гледа дека Душко Весковски јавната набавка за реконструкција на водоводната мрежа на ул. „Варшавска“ ја направил на први октомври 2020, односно два месеци откако таму фирмата која ја избрал на тендер веќе ги завршила градежните активности. Градежните работи на ул. „Варшавска“ се започнаа на 14-ти јули и завршиле на 20-ти август 2020. Фирмата изведувач чекала два месеци за Весковски да распише тендер и да ја избере за да може да се наплати, се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ, се вели натаму во соопштението, поседува цврсти докази за целата криминална постапка од над 18 милиони денари на Весковски и Шилегов и истите ќе ги објави на денешната прес конференција, тоа се детали од кои се потврдува дека фирмата КБК Инженеринг градела пред набавката.

– Весковски и Шилегов се фатени до гуша во криминал. Скоро секоја една работа е сомнителна и криминална, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Директорот Весковски вчерашната прес-конференција на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, на која беше обелоденета оваа афера, ја нарече „смешни и трагикомични клевети“.

– Јас, како генерален директор на ЈП Водовод и канализација Скопје, категорично тврдам дека целата постапка за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа на улица Варшавска е спроведена согласно законските прописи, градежните стандарди и нормативи. По добиеното одобрение за реконструкција во месец јули 2020 година од Општина Карпош, е спроведена постапка за јавна набавка за склучување на посебен договор преку јавно негативно аукциско наддавање, при што наведената фирма е избрана за најповолен понудувач. Во спроведенета постапка останатите четири учесници немаат вложено жалба за изборот на најповолниот понудувач, се вели во соопштението од ЈП Водовод, на чие чело е Весковски.