Со скринингот за КОВИД-19 ќе бидат опфатени 364 основни и 109 средни училишта, информираа вчера од Министерството за здравство, од каде потенцираа дека е многу важно родителите да го поддржат тестирањето. По претходно добиена писмена согласност од страна на родителите или старателите на учениците, како што се посочува, тестирањата кои ќе започнат од следната недела. Собирањето согласности за тестирање на учениците во училиштата почна од вчера.
Министерството соопшти дека ќе спроведе скрининг со брзи антигенски тестови, во кој ќе бидат опфатени 8.178 ученици во 80 општини и градот Скопје, во рамки на активностите за превентивни тестирања со цел рано детектирање и превенција од Ковид-19 во основните и средни училишта.
Скринингот во училиштата ќе овозможи да се добијат релевантни податоци за можното асимптоматско ширење на вирусот Ковид-19, односно дали истиот се шири низ училиштата и каква е трансмисијата.
Вчера беше забележан раст на бројот на новозаразени во однос на претходните денови. Од направени 2900 тестирања, беа регистрирани 421 случај, што е 14,5 отсто. Претходно тој процент се движеше околу 11 проценти.
Во вечрашната статистика беа евидентирани вкупно 13 починати, осум во претходното деноноќие и пет лица од „Мој термин“, починати од 6 до 28 септември. Покрај тоа, беа регистрирани и 395 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 1.333.204 тестирањата Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 195.963, бројката на оздравени пациенти е 182.473, на починати е 6.888, а бројот на активни случаи изнесува 6.602.
Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има најмногу активни и тоа 3308, Куманово 543, Велес 304, Штип 212, Охрид 206… Другите градови под 200. Во Пехчево во моментов нема ниту еден активен случај.
Континуирано се одвива и вакцинацијата во државата. Досега се ревакцинирани 45 отсто од полнолетните граѓани.
Заклучно со 13 октомври, како што се посочува од МВ, вкупно се вакцинирани 797.214 граѓани, ревакцинирани се 756.176, а трета доза примиле 982 граѓани. Педесет и три отсто од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози опфатени се 45 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството за здравство.
На предлог на Комисијата за заразни болести, Владата завчера на седница донесе заклучок за измена на Протоколот за организирање настани во затворен простор во театри, кина, филхармонија и други објекти, со што се зголемува на 50 проценти дозволената исполнетост од капацитетот на салата со публика наместо досегашните 30 отсто.
Во врска со овој протокол, како што информираше владината прес-служба, се воведува и условот посетителите да бидат вакцинирани со две дози со вакцина против КОВИД-19, a останува обврската на организаторот да ги спроведува и контролира сите останати препорачани превентивни мерки за спречување ширење на вирусот и да организира редарска служба за контрола на мерките.
Во светот досега се заразиле со коронавирусот над 240 милиони луѓе, починале околу 4,9 милиони, а се излечиле повеќе од 217 милиони лица.
Од СЗО вчера соопштија дека повторно расте бројот на смртни случаи од туберкулоза поради ковид.
– Бројот на смртни случаи од туберкулоза повторно почна да расте, првпат по десет години, најмногу затоа што пандемијата на Ковид-19 го наруши пристапот до здравствени услуги, соопшти вчера Светската здравствена организација.
Главната причина е затоа што помалку луѓе се тестирани и лекувани бидејќи ресурсите се пренасочени за борба против пандемијата на коронавирус, истакна СЗО во својот годишен извештај за туберкулоза објавен вчера, а се однесува на 2020 година. Ова е далеку од подобрување бидејќи се повеќе луѓе не знаат дека ја имаат болеста, која е излечива.
СЗО проценува дека околу 4,1 милиони луѓе имаат туберкулоза, но дека таа не е дијагностицирана или официјално потврдена, што е значителен скок во споредба со 2,9 милиони во 2019 година.
Во Велика Британија вчера беа регистрирани 45.066 новозаболени лица со Ковид-19, што е највисока бројка од 20 јули.
Голем број помеѓу заразените се деца, а вакцинацијата помеѓу постарите деца се одвива побавно од предвиденото. Велика Британија е на второ место во Европа по смртност по Русија.
И Белгија бележи рекорден број на новозаразени со Ковид-19 во последните пет месеци. Во државата се регистрираат во просек 2.114 нови случаи дневно, највисок број во последните пет месеци.
На ниво на цела земја ова зголемување изнесува 23,5 отсто во рок од една недела, помеѓу 5 и 11 октомври.
Белгија е една од земјите со највисока стапка на вакцинирани на државно ниво во Европа.
Во Србија ставен во функција број за пријавување доктори кои не советуваат вакцинација. Ова го потврди и министерот за здравство, Златибор Лончар, кој изјави дека лекарите кои на своите пациенти ќе им кажат да не примаат вакцини, ќе одат на Судот на честа на Лекарската комора на Србија, која ќе покрене процес и дека тоа значи да лекарот тогаш „најверојатно ќе ја загуби лиценцата“.