Дневните случаи на „Ковид“ во Британија денеска достигнаа највисоко ниво во последните три месеци, откриваат официјалните податоци на властите во Обединетото Кралство, а професорот Крис Вити тврди дека оваа зима ќе биде „исклучително тешка“, дури и ако нема нов наплив на инфекции, објавува Дејли меил.

Министерството за здравство на Британија денеска објави дополнителни 45.066 нови случаи низ целата земја, што е за 10,7 проценти повеќе од бројката од минатиот четврток – 40.701. Тоа е највисокото дневно ниво од 20 јули кога бројот на позитивни во еден ден  достигна 46.558.

Највисоката дневен број на позитивни досега изнесувал 62.322 случаи на 6 јануари, на врвот на вториот бран. Бројот на починати од вирусот денеска исто така се зголеми, при што се регистрирани 157 нови жртви, што претставува пораст од девет проценти во однос на минатата недела.

Бројот на хоспитализирани се зголеми за еден процент, при што 719 лица биле примени во неделата.

Медицинските власти стравуваат дека тешките месеци допрва доаѓаат поради грипот и другите сезонски вируси кои одново ќе се појават поради недостаток на природен имунитет за време на заклучувањата.

Професорот Вити, исто така, сугерира дека болниците може да бидат погодени од „Ковид“ уште полошо отколку што беа минатата зима, ако се појави варијанта што може „целосно да ја избегне нашата одбрана“. Говорејќи на годишната конференција на Кралскиот колеџ за општи лекари во Ливерпул, тој рече:

„Посакувам да можам да тврдам дека доаѓаат сончеви денови и дека до Божик се ќе биде фантастично, но, за жал, се плашам дека тоа не е така“.

Експертите долго предупредуваат дека оваа зима ќе има голем пораст на бројот на заразени со САРС КОВ 2 вирусот поради  враќањето на учениците во училиштата, прекин на работењето од дома и дружењето во затворени простории.

Власта, од друга страна, се потпира на успешното воведување на вакцини за деца од 12 до 15 години и третата доза вакцини за тие над 50-годишна возраст, за здравствениот персонал и најранливите.

Планот Б се состои во враќање на маските и работата од дома доколку притисокот на заразата стане неодржлив.