Стопанската комора на северо-западна Македонија (СКСЗМ) не е целосно задоволна од третманот на домашните инвеститори и смета дека Владата има направено само една работа за еднаквиот третман на домашните и странските инвеститори, а тоа, како што вели извршниот директор Дрилон Исени, е законската рамка за доделување на субвенции и финансиска поддршка.

-За да имаме јасна слика дали функционира Законот треба да се направат дополнителни анализи. Но, од аспект на инфраструктурата не може да кажеме дека имаме еднаков третман со странските инвеститори, бидејќи за една фирма која оперира во индустриската зона Визбегово не може да се каже дека има исти услови како фирмите кои оперираат во индустриските развојни зони, рече Исени во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во индустриската зона Визбегово.

Тој нагласи дека Владата веднаш треба да почне со решавање на инфраструктурните проблеми во индустриската зона Визбегово која, потенцира, е многу важна за македонската економија.

Бизнисменот Таип Јакупи посочи дека за разлика од со претходната, со актуелната Влада имале подобра комуникација како резултат на што почнале да се раздвижуваат некои реботи, но додаде дека се далеку од задоволни од соработката.

-Има почетоци за изградба на водоводната мрежа и интенција за урбанизација на дел од зоната, но она што е најбитно компаниите од зоната е комуникацијата со основната патна артерија која поминува из зоната, рече Јакупи.

Предочи дека со власта се договориле автопатот од Скопје до Блаце да не завршува до крстосницата со булеварот „Словенечка“ како што првично било предвидено, туку до обиколницата, а во зоната да се изгради булеварот „Никола Карев“. Нагласи дека не се задволни од проектите што ги има во Град Скопје, но додаде дека се надева оти ќе се договорат да ги усогласат потребите на зоната со можностите на државата.

Бизнисменот Џемаил Даути, пак, порача дека е многу мал реалниот слух на Владата за потребите на бизнисот.

-Како комора имаме добра комуникација со Владата, н од 54-те предлози што ги дадовме, само еден е прифатен, а три се во постапка. Сепак, перманентно разговараме, но за дел од последните измени во делот на даночните политики речиси и да не бевме консултирани, рече Даути.

Очекува по надминувањето на проблемите со Грција и Бугарија и добивањето покана за членство во НАТО, Владата да ја интензивира комуникацијата со бизнис секторот и повеќе да се посвети на економските политики и благосостојбата на граѓаните.