Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН (Сојузот МАКЕДОН) и Светскиот Македонски Конгрес (СМК) најостро ја осудуваат неодговорноста на градоначалникот на градот Скопје и градоначалникот на општина Центар, кои поставиле контејнери за ѓубре пред Споменикот на насилно прогонетите деца од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, кој се наоѓа до хотелот “Холидеј Инн“ на Кејот на реката Вардар!
Ова се истакнува во реакцијата за сквернавењето на споменикот во Скопје, што ја објави претседателот на СМК, Тодор Петров на официјалниот профил на Фејсбук. Во продолжение го објавуваме целиот текст:
Сојузот МАКЕДОН и СМК сметаат дека поставувањето на контејнери пред Споменикот претставува сквернавење на Паметникот за геноцидот врз Македонците во Егејскиот дел на Македонија како најцрна страница од историјата на Македонскиот народ после Втората Светска Војна!
Споменикот сведочи за насилно прогонети 28.000 деца од две до четиринаесет години од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, трајно раселени во источноевропските и прекуокеанските земји, далеку од своите родни огништа.
Сојузот МАКЕДОН и СМК бараат градоначалникот на Скопје и градоначалникот на општина Центар веднаш да ги дислоцираат контејнерите за ѓубре пред Споменикот!
Сојузот МАКЕДОН и СМК повторно потсетуваат на вандализимот од непознат сторител или сторители и врз Споменикот на децата бегалци во Парк Жена Борец во Скопје на 10 октомври 2019 година, кога беше искршена мермерната плоча на задната страна на Споменикот на која пишуваше “28.000 деца, најмногу Македонци од Егејскиот дел на Македонија и други места на Грција, насилно беа прогонети за време на Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година… Останаа трајно раселени во источноевропските и прекуокеанските земји, далеку од своите родни огништа… Овој Споменик е вечен Паметник за геноцидот врз нив, нивниот егзодус и голгота…”
Сојузот МАКЕДОН и СМК потсетуваат на повторениот вандализим од непознат сторител или сторители врз Споменикот на децата бегалци во Парк Жена Борец во Скопје и на 6 ноември 2019 година, кога беше откорнат натписот “Татковината копнеж на прогонетите” на предната страна на Споменикот и симболот на Светската средба на децата бегалци на задната страна на Споменикот, истовремено откорната и спомен-плочата на Султана, мајката на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев до базенот во кој е поставен Споменикот!
Сојузот МАКЕДОН и СМК потсетуваат дека полицијата и јавното обвинителство до денес не поведоа истрага ниту излегоа со соопштение за овој вандализам на Споменикот на децата бегалци во Парк Жена Борец спроти Собранието на Македонија!
Сојузот МАКЕДОН и СМК со огорченост укажуваат на неподносливата негрижа на градоначалникот на градот Скопје и градоначалникот на општина Центар за санирање на Споменикот на децата бегалци во Парк Жена Борец спроти Собранието на Македонија од 2019 година, и за сквернавењето со контејнери за ѓубре пред Споменикот на насилно прогонетите деца од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, кој се наоѓа до хотелот “Холидеј Инн“ на Кејот на реката Вардар!