Холандската полиција соопшти дека пронашла жив слеп патник во делот на авионот каде што се наоѓа тркалото, а кој слетал на аеродромот Схипхол во Амстердам патувајќи од Јужна Африка.

Летовите од Јоханесбург до Амстердам траат околу 11 часа, а се претпоставува дека товарниот авион имал едно застанување, во Најроби, Кенија.

Многу е невообичаено слепи патници на долгите летови да преживеат поради студот и слабиот кислород на големите височини.

Возраста и националноста на мажот се уште не се утврдени, велат од полицијата.

– Човекот е пронајден жив во предниот дел на авионот и е пренесен в болница во стабилна состојба. Многу неверојатно е што човекот е сè уште жив, изјави портпаролката на холандската кралска воена полиција, Џоана Хелмондс.

Според холандската телевизија НОС, мажот имал треска и додека пристигнала брзата помош, тој можел да одговори на основни прашања.