„До големиот емир, султанот Сулејман Хан Величествени, цар на царевите, господар над господарите, и цар на сите земји Романиски и Македонски, Бугарски, Српски и Беломорски, и Црноморски, и Анадолски и Мисирски, и цар вселенски…“ стои во Писмовникот од 1543 година кој содржи седумнаесет концепти за обраќање и ословувања при пишување на писма до црковни и световни лица, а од Македонија, при својата посета на Слепчанскиот манастир во 1848 година, го зел и го однел во Русија Виктор Григорович

Пишува: Блаже Миневски

Според еден наш писмовник од 16-ти век од манастирот во Слепче, самиот султанх Сулејман барал да го нарекуваат цар на сите земји, меѓудругото и „цар Македонски, Бугарски и Српски…“! Слепчанскиот ракопис, со елементи на  македонски народен говор, содржи петнаесет листови со седумнаесет концепти за обраќање и ословувања при пишување на писма до црковни и световни лица. Според д-р Михајло Георгиевски, експерт за стари книги и ракописи, писмовникот е напишан во манастирот во демирхисарското село Слепче, од каде, при својот престој во македонските манастири во средината на 19-ти век, го зел Виктор Григорович а потоа го однел во Русија, каде и сега се чува под број 1743 во Државната библиотека во Москва. Писмовникот-епистолар всушност е своевиден прирачник за пишување писма до црковни и граѓански лица, според строго утврден редослед и содржина на текстот за обраќање и ословување на личноста до која се испраќа писмото. Во писмовникот, меѓу другите концепти, има и концепт за обраќање и ословување на султанот, а во тоа време, во 1543 година, кога е пишуван писмовникот, на тронот во Цариград седи Сулејман Величествени.

Кој е Сулејман „царот Македонски“?

Според писмовникот од Слепче, секоја молба, жалба, барање до султанот, испратено до него од кој и да е крај на неговата империја, морала да почнува вака: „До големиот емир, султанот Сулејман Хан Величествени, цар на царевите, господар над господарите, и цар на сите земји Романиски и Македонски, Бугарски, Српски и Беломорски, и Црноморски, и Анадолски и Мисирски, и цар вселенски… “ а потоа се додавало кој го пишува писмото, со име и презиме, поданик на „вашето големо царство“, за на крајот, по текстот на барањето или молбата, писмото да се заврши со „бог да ги умножи годините на Вашето царување, амин“.

Следејќи ги бројните зачувани записи во турските архиви, Сулејман е роден во Трабзон на 6 ноември 1494 година. Тој е син на султанот Селим Први и неговата жена, Хафсе Хатун, ќерка на татарскиот, кримски кан Менгли Гирај. Хафса имала 17 години кога се родил Сулејман. Кога наполнил седум години бил испратен во Истанбул каде што стекнал темелно образование во разни области од науката, историјата и книжевности. Зборувал арапски, персиски, чагатај и старословенски јазик. Во својата седумнаестта година бил поставен за гувернер на Каффа, односно Теодосиа, а потоа на Сарукхана, или Маниса. При отсуство на својот татко, кој речиси постојано бил во поход, повремено го заземал и почесното султанско место. Како млад човек се спријателил со Ибрахим, роб кој подоцна станува едан од најзначајните советници, главен соколар на дворот во Маниси, подоцна надзорник на царските одаи и голем везир, личност од најголема доверба и најблизок човек со кој султанот ќе се консултира за сите важни работи во империјата. Според патеписот на Бартоломео Контарини,Сулејман бил висок и жилав, со румена боја на лицето: „Неговиот врат е малку предолг, неговото лице е издолжено, а носот орловски. Има и некаква брада, но покрај се има многу пријатен изглед, иако неговата боја на кожата е болно бледа. Се зборува дека е мудар предводник, љубител на науката и знаењето, па сите луѓе очекуваат само убави работи за време на неговото владеење.“ Младиот султан Сулејман веднаш почнал серија воени походи,  меѓудругото освојувајќи го и Белград. Сепак, иако просторот до Виена бил целосно отворен, Сулејман своето внимание го насочил кон источно-медитеранскиот остров Родос, чија близина до Мала Азији и Левантот била многогодишна болка за  османските интереси.  Летото 1522 година, користејќи ја предноста на својата морнарица, испраќа армада од околу 400 бродови, а истовремено лично ја предводи војската од 100.000 луѓе од Мала Азија кон Родос. По опсадата долга пет месеци, Родос капитулира а Сулејман им дозволува на Витезите да заминат од Родос и да формираат своја  нова база на Малта. Подоцна, во перидот од 1529  до 1541 година, Сулејман прави неколку обиди да ја заземе Виена, но намсетот тоауспева да заземе поголем број хабсбуршки тврдини па Фердинанд и неговиот брат Карло Петти биле приморани да потпишат понижавачки петгодишен мировен договор. Сулејман долги години потоа ќе ја координира и контролира севкупната европска политика. Во секој случај, под водството на Сулејман Величествени, или Сулејман Законодавецот, како што го нарекувале Турците, Османлиското царство станува царство кое по својата големина можело да се споредува само со царството на Александар Македонски.

М.Н: Владетел, поет и љубовник!

Освен по големите походи и освојувањата, Сулејман е познат и по својот однос кон жените, уметноста и градителството. За време на неговото владеење, Истанбул станува центар на уметноста, музиката, поезијата и филозофијата. Перидот на негово владеење се смета за златно доба, најкреативен период во историјата Османлиското царство. Притоа, Сулејман не бил само покровител на уметноста туку, следејќи ја традицијата дека секој султан мора да изучи и некој занат, и самиот бил вешт мајстор на филигран, а пишувал и поезија на персиски и турско под псевдонимот Мухиби, што на турски значи љубовник или драг пријател. Во негово време, занаетчиите и уметниците од сите профили се собирале во Топкапи, административен, политички и културен центар на царството. Во посебни објекти околу палатата биле сместени царските еснафи на уметниците и занаетчиите, познати као „Заедница на надарените“. Сите членови на еснафот биле одлично платени, секој според својата позиција и ниво на умеење. Дворските сликари, кои биле задолжени за осликување и илуминација на текстовите за султановата библиотека, биле најнадарените уметници во царството — создале свој посебен стил и тематика, карактеристични само за османлиската уметност. Ваквата вештина набрзо се прошириле и на останатите гранки на уметности — текстилот, таписеријата и керамиката. Еден од типичните дворски декоративни стилова бил „сазот“ – претставување на диви животни и митолошка суштества како самовили и ангели. Еден од најспектакуларните примероци во оваа техника е јатаганот на Сулејман, изработен меѓу 1526 и 1527 година од Ахмед Текели, творецот на сазот како стил.

 

Рамка 1

Хурем, Рокселана или Александра Лисовска!

Робитнката Александра Лисовска е родена на самиот почеток на 16 век во западна Украина, тогаш дел од Полска. Имала само 14 години кога била однесена на Крим, а потоа оттаму во Истанбул на пазарот на робови, каде била купена за царскиот харем. Во харемот била наречена Хурем, име што доаѓа од персискиот збор „хуррам“, што значи ведра, весела. Иако Сулејман користел бројни „услуги“ на  харемот, неговите осум сина и три ќерки ги родиле „само“ четири жени. Освен Махидерван и Хурем, Сулејман претходно, во Маниса, ја имал и арапката Фулан, која му родила два сина, Абдулах и Мехмед, и две ќерки, Фатма и Разија, но само Разија доживеала старост. Робинката од Албанија, Махидерван, или Ѓулбехар, што значи „пролетна ружа“, прва му родила  син кога веќе бил султан, станала негова прва „миленичка“, па, подоцна, ќе направи сé нејзиниот син, принцот Мустафа, да стане наследник на Сулејман. Пред Махидерван, Сулејман ја запознал и Гулфем, робинка од Полска, која исто така затруднела со него,  но го изгубила својот син Мурад при породувањето. Сулејмановата миленичка Хурем родила пет деца, а нејзиниот син Селим го наследува Сулејман на престолот и станува еден од најмалку почитуваните султани, опак човек и пијаница. Сепак, миленичка на Сулејман била Михримах. Се вели дека таа, иако веќе мажена, често одела дури и во поход со него.

 

 

( продолжува)