Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека е јасно оти Украина нема доволно сила воено да ја промени ситуацијата во војната со Русија, дека не е способна да изврши контраофанзива и процени дека ниту целото оружје ниту парите во светот не можат да и помогнат на Украина бидејќи, како што рече, Русија никогаш нема да биде воено поразена.

– Русија воено ги контролира Донбас, Луганската област и Крим, а само наивен може да помисли дека руските сили во иднина ќе ги напуштат тие територии по преговорите – истакна Фицо за словачка „Правда“.

Според него, Русија наскоро ќе почне да ги диктира условите за решавање на конфликтот во Украина.

Фицо рече дека западните санкции против Русија не дале резултат бидејќи, како што наведе, ги потцениле руските граѓани, а како пример наведе дека Русите нема да очајуваат ако не можат да купат американски телефон, туку ќе купат кинески и ќе решат проблемот.

Словачкиот премиер посочи дека Братислава е подготвена да продолжи да обезбедува хуманитарна помош за Украина по суспендирањето на воената помош.

Фицо истакна дека ако САД ја прекинат воената поддршка за Украина, ЕУ нема да може сама да го финансира Киев долгорочно.

ЕУ во моментов и дава на Украина 1,5 милијарди евра месечно, рече Фицо, наведувајќи дека овие средства се користат за исплата на плати. Како што оцени, ќе биде болно ЕУ да признае дека помошта што и ја испрати на Украина е апсолутно неуспешна.