По повеќе од 20 месеци пандемија, во светот досега од Ковид-19 починаа повеќе од 4,7 милиони луѓе (4.788,874), додека над 200 милиони (232.931,655) се заразиле. Активни се над 18,5 милиони случаи, од кои над 92.000 се однесуваат на пациенти кои се во тешка здравствена состојба. Од последици на Ковид-19 досега починаа околу 2,04 отсто од сите регистрирани случаи.

Од почетокот на јули почна сериозно да се зголемува бројот на нови случаи, што се припишува на позаразната делта варијанта. На овој сој се должи е намалувањето на бројот на оздравени од инфекцијата, кој само до пред еден месец изнесуваше околу 92 отсто. Во последната седмица се забележува мало забавување на пандемијата, што според дел од експертите, може да се објасни со тоа дека пандемијата го достигнала платото. Сепак тие додеваат дека не може да се предвиди до кога ќе трае овој тренд со оглед на појавата на нови варијанти на вирусот.

САД и натаму се лидер во светот според бројот на заразени. Таму досега се регистрирани 43.840,163 случаи, при што има над 38.000 нови случаи. Во таа земја од последиците на овој вирус починаа над 707 илјади луѓе. САД се лидер и кога станува збор за активни случаи, со над 9,8 милиони инфекции во моментов. Потоа следува Индија, каде се чини конечно е ставено под контрола ширењето на коронавирусот. Во земјата досега се регистрирани над 33,6 милиони случаи, од кои 32,9 милиони оздравеле, а 447.362 починале. На трето место е Бразил, каде ситуацијата со коронавирусот и натаму е многу тешка. До моментов во таа земја се регистрирани над 21,3 милиони случаи, од кои 594.652 починале.

По овие три држави, но со огромна разлика меѓу нив кога станува збор за заразени лица се Велика Британија, Русија, Франција, Турција, Иран, Аргентина и Колумбија. Потоа следуваат Шпанија, Италија, Индонезија, Германија, Мексико, Полска, Јужна Африка, Украина, Филипини, Перу и Малезија.

Што се однесува до смртноста на милион жители, на прво место е Перу, а на второ е Босна и Херцеговина. Близу се и Македонија, Унгарија, Црна Гора и Бугарија.

На спротивниот пол се земјите од Западна Европа. Бидејќи вакцинацијата напредуваше брзо, бројот на жртви таму нагло се намали. Најдобар пример за ова е Британија, каде што има огромен пад на смртни случаи. Од почетокот на март, имаше само еден ден во кој беа пријавени повеќе од 200 смртни случаи. Нешто повеќе, во јануари беа регистрирани над 1.800 смртни случаи за едно деноноќие, што е повеќе од 10 пати од нивото забележано во последните месеци. Слична е ситуацијата и во Франција, Шпанија, Италија и Германија.

Но, вакцинацијата не се одвива со иста брзина во светот, па најсиромашните земји се многу потешко погодени. Пандемијата на коронавирус ја влоши и онака мрачната економска перспектива за најсиромашните земји во светот и многумина веројатно ќе се борат со пандемиската криза со години, предупредија претставници на Обединетите нации.

Светот почна да закрепнува од последиците од пандемијата, но закрепнувањето во „две брзини“ може „да ги поништи многуте позитивни ефекти од макотрпно изградениот развој“, предупреди Конференцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД).

Околу една милијарда луѓе во 46 „најмалку развиени земји“ би можеле да заостанат уште повеќе зад побогатите соседи, предупредува УНКТАД во својот најнов извештај. Овие земји заедно генерираат 1,2 трилиони долари бруто домашен производ, приближно како Мексико или Индонезија, и сега се на крстопат, рече генералната секретарка на УНКТАД, Ребека Гринспан.

– Ним им е потребна силна поддршка од меѓународната заедница за да го развијат производствениот капацитет и институционалната рамка што им е потребна за да се справат со традиционалните и новите предизвици, како што се кризата со Ковид-19 и климатските промени, објасни Гринспан.

На повеќето може да им требаат неколку години за да го вратат нивото на БДП пред пандемијата во 2019 година, а најтешкиот удар би можел да почне да стигнува некаде кон средината на деценијата, предупреди УНКТАД.

Експертите најавуваат дека сето ова ќе го намали очекуваниот животен век на човекот. Докторката по биолошки науки и професорка на Факултетот за системска биологија на Универзитетот Џорџ Мејсон, Анча Баранова изјави дека главното сценарио за развој на пандемијата со Ковид-19 е трајно намалување на очекуваниот животен век за најмалку 10 години.

– Главното сценарио сега е ова: вакцините функционираат некако, вирусот исто така мутира. Сите чекаат. Човештвото полека се помирува со идејата дека очекуваниот животен век е намален за десет години. Имаме нов природен непријател, посочи Баранова.

Таа додаде дека е можно вирусот природно да ослабне со текот на времето.

– Постои природна селекција кај секоја популација. И кај луѓето. По две или три генерации, во просек, луѓето подобро ќе се справат со коронавирусот, дури и без лекови. Структурата на вирусите што го погодуваат човештвото, исто така, може да се промени, можеби конечно грипот ќе се намали, наведе Баранова.