Снежната бура Ебони зафати голем дел од САД, од Големите низини во централниот дел до југоисток на земјата.
Истовремено на југоисточниот дел му се закануваат поплави по обилните дождови кои се прогнозира дека ќе потраат до понеделник.
Денеска се регистрирани три нови смртни случаи, па бројот на загинати во несреќите поврзани со невремето се искачи на шест настрадани. Во Минесота две лица загинаа во сообраќајни несреќи, јабија тамошните медиуми. Во Тенеси жена го изгубила животот обидувајќи се да мине надојден поток.
Во Луизијана жена загинала кога врз нејзиниот автомобил паднало дрво, а во Канзас лице го изгубило животот во сообраќајна несреќа на подмрзнат коловоз на автопат, објави полицијата. Шестата жртва настрадала во судар на автомобил и чистач на патот во Северна Дакота.
Поради обилните врнежи од снег повеќе од 1.300 летови се откажани, а 12.200 доцнат од четвртокот кога почнаа проблемите во воздушниот сообраќај, се наведува на веб страницата на Flightaware која го следи воздушниот сообраќај, каде се регистрирани два хаотични дена на американските аеродроми.
Од почетокот на бурата Ебони во некои делови падна снег в висина од 20 до 40 см. Во Ново Мексико се очекува до 45 см снег, предупредуваат метеоролошките служби.
И покрај чистењето на главните сообраќајници, многу од нив се и натаму затворени во Северна и Јужна Дакота, во Мисисипи, Ајова и Аризона, каде властите ги повикаа граѓаните да ги одложат патувањата.
На југот на САД, како што пренесе Хина, во Луизијана и Мисисипи, поради обилниот дожд биле евакуирани жителите на повеќе куќи.