Продажен салон на „ИКЕА“ стоковна куќа во северна Данска се претвори во огромна спална соба, откако шест купувачи и дваесетина вработени останаа заробени во него поради снежно невреме. До мигот кога стоковната куќа во Алборг се затвори во средата вечерта, паднаа до 75 см снег, па луѓето беа принудени да преноќат во продавницата.
– Спиевме во нашиот изложбен салон на првиот кат, каде што имаме кревети, душеци и каучи. Тоа беше можност луѓето да го изберат токму креветот што отсекогаш сакале да го пробаат. Беше тоа добра ноќ! Многу забавно!, изјави менаџерот на продавницата, Питер Елмос за тамошните медиуми.
Тие ја минале вечерта гледајќи телевизија со закуски. Данската јавна телевизија ДР соопшти дека луѓето кои работат во продавница за играчки која се наоѓа веднаш до „ИКЕА“, исто така, ја минале ноќта во стоковната куќа.
– Само се смеевме на состојбата, затоа што веројатно нема да ја доживееме повторно, прокоментира една продавачка.