Македонско семејство со вкупни примања од 1.000 евра живее скромно, се вели во прилогот на Телма. Во супермаркетите се влегува со список и претходна анализа што да се стави во кошничката. Двоцифрената инфлација и невeројатниот скок на цените на прехранбените производи, но и за хигиена, ги тера граѓаните да живеат со есап, како и каде ќе ги потрошат своите пари. Еден килограм свежо месо чини околу 350 денари за килограм, а најевтиниот кашквал и ако се начека на акција околу 400 денари. Економистите велат дека ова е се должи на тоа што од земјоделска станавме увозно зависна, се увезува зеленчук, овошје, месо.
„Нашата држава е увозно зависна. Ние не можеме да произведуваме се она што ни е потребно за нашиот пазар и да се задоволат потребите на потрошувачите. Во делот на земјоделските производи има увоз и извоз, меѓутоа увозот е неминонев, пред се од асортиманот на производите што се потребни за населението, бидејќи не произведуваме се“, вели економистот Глигор Ивановски.
Според Ивановски наместо замрзнување на маржите, власта треба да размислува во насока за изготвување на стратегија со која ќе се зголеми понудата посебно на прехранбените производи.
„Само зголемена понуда може да ги стабилизира цените, пред се на оние производи кои се важни за населението, мислам прехранбрените и стоките за шитока потрошувачка. Инаку мерките во одреден рок дадоа резултат, но после нивното укинување дојде до зголемување на цените. Основното решение е да се зголеми понудата“, додава Ивановски.
Три минимални плати или над 1 000 евра се потребни да се преживее месецот. Според Ивановски, засега имаме забавен економски развој, бидејќи имавме период на избори, а сега се чека да се формира и Влада.