Пишува: Блаже Миневски

Според она што досега е регистрирано, Македонија систематски била ограбувана од бројни странски окупаторски војски, но и од разни „истражувачи“ на македонското фолклорно богатсво, книжевност и сликарство. Македонскиот преродбеник Ј. Хаџи Константинов-Џинот има запишано дека во некои наши манастири имало дури и „по педесет товари ракописни книги“. Голем број наши скапоцени пергаменти и ракописни книги, стари и по десеттина века, денес се во Национална библиотека во Атина, во Софиската народна библиотека, библиотеката на Бугарската академија на науките уметностите, во Народната библиотека во Пловдив, како и во Софискиот црковен музеј, во Народната библиотека во Белград, во Националната и во  Градската библиотека во Петроград, во библиотеката на Академијата на науките на Русија, во Државно-историскиот музеј во Москва, во Народните библиотеки во Киев и Одеса.

Стотици наши скапоцени ракописни книги има и во Националната библиотека во Париз, во Ватиканската библиотека, во Виенската државна библиотека, во Народниот музеј во Прага, во Народната библиотека во Букурешт, во Романската патријаршија, во библиотеката на Јагелонскиот универзитет во Краков, но и во Бритатскиот музеј во Лондон и во уште десетина други институции на Балканот и во Европа.

Како илустрација да спомнеме дека над 130 наши ракописни книги денес, на пример, се наоѓаат во Народната библиотека во Петроград, 55 се во Историскиот музеј во Москва, во Руската академија на науките во Петроград има скапоцена збирка од 84 ракописни книги донесени во Русија од македонските манастири, а мошне вредна збирка од шест ракописни книги има и во Јегелонската библиотека во Краков, итн. Ова скапоцено македонско богатство денес е гордост на оние што го имаат во своите збирки, но Македонија не смее да не се откаже од она што е нејзино, она што и припаѓа. Впрочем, многу држави во светот си ги побараа, а дел од нив и ги добија назад културните богатства однесени од нивните земји за време на војните во минатиот век.

Во Софија има 1090 стари ракописи однесени од Македонија! 

Само за време на Балканските и Првата светска војна од Македонија се однесени огромен број исклучително значајни и вредни ракописни книги. Во 1920 година, според тогашната евиденција, во Софија имало 964, а три година подоцна таа збирка веќе имала 1090 стари македонски ракописи однесени од Македонија. Од друга страна, во Белград, во Народната библиотека, била однесена и до денес се уште е таму комплетната збирка од 30 ракописни книги од Лесновскиот манастир, која наводно била собрана само на чување, односно по војната требало да биде вратена во Македонија. Се разбира, со истото образложение многу скапоцени ракописни книги биле однесени и во Бугарија, но и тие никогаш не се вратени назад, односно таму од каде што се украдени.

Во дел од документите за грабежите на македонските манастири и цркви за време на Првата светска војна, стои запишано дека во Народниот музеј во Софија, на пример, на „чување биле однесени“ плаштеницата на Андроник Палеолог, Златната митра на свети Климент со бесценети камчиња и крсче, неговиот жезол, пронајден 1911 година на Плаошник каде што бил погребан, но и Царските двери и бронзениот полилеј.

Во Белград во тоа време се однесени многу ракописни книги од манастирот „Свети Прохор Пчињски“, потоа од манастирите во Лешок и Крива Паланка. И не се само книгите. Од Македонија, на пример, и огромен број икони, меѓудругите и иконите на Исус со метален оков, дар на Охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан, која е украдена заедно со уште 24 икони од Бугарите. Сите икони всушност требало да бидат вратени во Македонија, а за тоа бил потпишан и документ, кој се чува во Охридскиот музеј.

За оваа збирка нашата држава има доставено и официјално барање за враќање, но од Бугарија не е добиен никаков одговор. Списокот на тие икони е јавно публикуван и постои целосна документација за нив. Постои и документирана изјава дека треба да се вратат, но досега не се вратени. Слично барање треба да биде упатено и до Москва, Атина и до Белград, на пример, каде се наоѓа елитната литиска икона на Богородица со Исус од голем формат од почетокот на 14-от век. Заедно со уште една икона во 1961 година, иконите наводно ги купил академскиот сликар од Нови Сад, Петар Бибиќ, но тој подоцна му ги продал на Народниот музеј во Белград.

Меѓу драстичните оттуѓувања на нашето културно богатство секако е и сензационалната кражба на 13-те икони од манастирот Свети Наум кај Охрид. Иако кражбата е извршена во 1985 година нашите служби се уште немаат пронајдено никаква трага за тоа каде би можеле да се однесени овие скапоцени икони.  Шпекулациите говорат дека  патот на трговците со икони и друго културно благо води преку Албанија во Италија. Скапоцените икони однесени од „Свети Наум“ се дело на  Константин Зографски и потекнуваат  од 1711 година. Според историчарите на уметноста, во овие украдени икони за првпат доаѓа до симбиоза на византиските со западните барокни елементи.

Каде се македонските револуционерни знамиња?

Слично како ракописните книги и останатите артефакти, од Македонија биле изнесувани и други музејски експонати кои денес ги красат ексклузивните витрини на музеите низ Европа. На пример, каде е знамето на четата на Питу Гули? Каде е знамето на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ, кое неколку месеци по задушувањето на Илинденското востание лично го чувал Даме Груев? Каде е знамето на Крушевската република на кое косата на девојката била извезена од косата на Коца Хаџова, вереницата на Никола Карев?

Според историските извори од тоа време, учителката била вклучена во  подготовките  за нападот и заземањето  на Крушево, а нејзина соработничка била нејзината колешка Фанија Ракиџиева. Двете работеле во истото училиште и живееле во иста куќа, кај вдовицата Дада. Стружанката Коца Хаџова, заедно со својата колешка Фотина Иванова и нејзината сестра Вета ги извезале револуционерното знаме на четата на Пипу Гули, знамето на Крушевската република но и знамето на Главниот штаб на Илинденското востание на Битолскиот револуционерен округ. Знамето на четата на Питу Гули било од црвен свилен материјал, опшиено со срма, а на средината со златеста свила биле извезени две раце кои се ракувале врз палмов лист со запален запален факел над нив. Околу сето тоа имало натпис:

„Слобода или смрт- знаме на Крушевската чета“. Знамето било опшиено со срмени реси, а по краиштата  виселе големи срмени пискули. Заедно со знамето на Питу Гули, Коца, заедно со своите помошнички го извезла и знамето на Крушевската република на кое се гледаат две девојки со долги коси, кои стојат врз картата на Отоманската империја. Косите на девојките се извезени од коса на Коца!

Пред самото Илинденско востание биле изработени повеќе востанички знамиња на револуционерни окрузи, околии и чети. Многу од нив, по пропаѓањето на востанието, биле запленети од Турците, а некои биле скриени и потоа изнесени надвор од Македонија. Зачуваните знамиња имаат големо историско значење за македонската историја. Во историската литература има малку податоци, а за некои не се знае ништо, иако многу од нив имаат исклучително национално, историско, но и фолклористичко значење, почнувајќи од тоа кој го везел, со каков материјал, боја и слично. Според Антон Кецкаров, член на револуционереното началство на Охридската околија, идејното решение на знамето на Охридската револуционерна организација го изработил Климент Заров, а било изработено на двојна црвена свила,  и завршувало со реси и пулејки. Охридското револуционерно знаме е со големина 105,8 на 79 см, а везилки на знамето биле учителките Поликсена Масин, Василка Размова, Клија Самарџиева  и Костадинка Настева – Бојаџи. Војводата Христо Узунов во својот дневник меѓудругото запишал дека знамето било осветено во месноста  „Игралиште“, односно на Куратичкиот рид, во присуство на 600 востаници и многу народ! Осветувањето го извршил свештеникот и револуционер Васил Ангелов од село Лешани. За значењето на знамето зборувал Христо Узунов. И ова знаме, како и знамето на Крушевската република, на пример, до ден денес се уште е во Националниот историски музеј во Софија. Инаку, на едната страна е претставен разгневен исправен лав, свртен на левата страна, извезен со темноцрвен и делумно со црн копринен конец. Според положбата на лавот,  може да се забележи дека тој е подготвен за напад, со отворена уста, исплазен јазик, со ококорени очи, големи нокти и подигната опашка, која на врвот се спушта во вид на факел. Со предните нозе лавот ја држи полумесечината, а со задните ја гази петокраката. Петокраката и полумесечината се извезени во жолта боја. Околу лавот, во форма на круг, со темносребрена срма е извезен текстот:

„Бог со нас. Напред момчиња! Победата е наша. Охрид 1903“.

На другата страна е извезена девојка, која во десната рака држи меч, а во левата мало знаменце на кое пишува: „Слобода или смрт“.

Девојката е во бел фустан, а до неа стои лав во темноцрвена боја. Лавот со двете предни нозе се држи за знамето. Околу девојката и лавот со срма е извезен текстот: „Македонија, Втор округ, шеста околија“.

И знамето на Разловечкото востание се уште е  во Софија!

Револуционерни знамиња имале сите окрузи и чети, а меѓу поинтересните секако е и револуционерното знаме на Струшката револуционерна околија, кое било изработено кон крајот на 1902 година. Струшкото знаме го везеле Славка, Анастасија и Милица Чакареви, заедно со Царева Деребанова. На 27 јули 1903 година знамето било предадено на знаменосецот Милан Гагов и уште истиот ден стигнало во Вевчани, каде што го пречекале востаниците и селаните. По задушувањето на Илинденското востание, знаменосецот Гагов го прибрал знамето во Струга, а подоцна му го предал на  Ѓорѓи Чакаров. Ккосата на девојката на знамето била извезена од косати на Константина и Царева Дерабанови.

Многу интересно, но и значително поразлично од Охридското и Струшкото знаме е Кратовското востаничко знаме.Станува збор е еден од најубаво извезените лавови на македонско знаме од минатиот век.

Меѓу најстарите македонски револуционерни знамиња секако е знамето на Разловечкото востание од 1876 година. Ова значајно македонско знаме до 1959 година се наоѓало кај синот на водачот на востанието, Станимир Попгеоргиев, емигрант во Ќустендил. Според записите на  д-р Љубен Лапе, иако знамето со својата убавина и историска вредност го привлекувало вниманието на многу историчари и публицисти, сепак долго време љубоморно било чувано од синот на Димитар Попгеоргиев – Беровски како скапоцен спомен на својот татко.

Во 1959 година, најверојатно откако Станимир не успеал да најде сигурнаа врска знамето да се префрли во Македонија, самиот, без образложение, го предал, или, можеби, го продал на Централниот музеј на Народната армија во Софија, каде што е и денес. Цитирајќи го Дојно Дојнов, истражувач кој имал пристап и можност да го види и проучува ова значајно македонско знаме,  проф. д-р Лапе пренесува дека знамето на Разловечкото востание е широко 1,86 сантиметри а високо 1,65 сантиметри. Во средината на знамето има жолто-златен  правоаголник со размер 54 на 76 сантгиметри. Знамето било шиено и везено во Солун, кај опитни мајстори, па затоа „Разловечкото знаме“ е најквалитетното историско сочувано знаме на македонскиот народ. Годинава се навршуваат 139 години од неговото настанување, па по една, или единаесет години, сеедно, би било добро да се одбележи годишнина на ова знаме како своевиден празник на македонското знаме, како што се чествува во некои соседни земји нивното знаме.

Значи, Македонија има свое зачувано знаме старо речиси 140 години, кое, заедно со сите други скапоцени реликвии, ракописни книги и икони однесени од Македонија во Бугарија, би требало да и се вратат на Македонија како што Германците, на пример, им вратија на Грција 10.600 артефакти кои нелегално биле изнесени од земјата од страна на нацистите за време на Втората светска војна. Вратени се глинени садови и инструменти од неолитот, кои биле откриени при нелегалните ископувања во 1941 година.