Нацрт-амандманите на Уставот се веќе пристигнати во Собранието и се проверуваат од собраниските служби. Пленарната седница на која ќе бидат разгледани собранискиот спикер Талат Џафери ја закажа за 1 декември додека седницата на Комисијата за уставни прашања својата работа ќе ја започне на 7 ноември.
Од Кабинетот на Џафери соопштија дека по проверката, нацрт текстот на уставните амандмани ќе биде испратен до сите пратеници.
Утврдувањето на нацрт амандманите на Уставот од страна на Собранието е втора фаза од постапката за измена на Уставот. Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас, додека третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.
Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови.
Собранието со најмалку 61 глас треба да ги утврди нацрт-амандманите, по што тие одат на јавна расправа, чие времетраење го утврдува Парламентот.
Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференцијата ги соопшти главните детали поврзани со нацрт уставните амандмани.
Ова е втора фаза од процесот за промена на Уставот согласно Договорот од Преспа и треба да заврши со гласање на Парламентот.
По ова, Владата треба да ги изготви предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Предлог амандманите треба да бидат разгледани од Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.
Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.