Собранието на Република Македонија денеска ќе ги одржи продолженијата на три седници на 60-та, 50-та и на 45-та седница.
На дневниот ред на продолжението на 60-та седница е Предлог одлуката за основање на анкетна комисија за испитување на целокупниот процес на референдумското изјаснување на 30 септември 2018 година, како и дополнетиот предлог на закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, радиодифузна такас, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, во второ читање.
На продолжението на 50-та собраниска седница меѓу поголемиот број барања за автентични толкувања се и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, во прво читање и Предлог за именување на членови на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Пратениците на продолжението на 45-та седница се очекува да расправаат за Предлог закон за дополнување на Законот за празниците на Република Македонија, во прво читање.
На дневниот ред на продолжението на 60 – та седница се и Предлог за избор на член на Државниот совет за превенција на детско престапништво, како и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за судска служба, на Законот за данокот на додадена вредност, на Законот за супервизија на осигурувањето и на Законот за финансиската полиција, сите во второ читање.
Како што е најавено, пратениците треба да дискутираат и по Предлог на закон за престанување на важењето на Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на проектот ХЕ Бошков мост кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и АД ЕЛЕМ и за Предлог на закон за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за финансирање на Проектот за изградба и модернизација на Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје и Регионалната клиничка болница во Штип, сите во второ читање.
Најавена е и расправа по Предлог закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за вработените во јавниот сектор, по скратена постапка.