Во Собранието вчера започна дебатата по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на земјава со Европската Унија.
Дебатата почна со големо протестно обраќање на македонскиот народ надвор пред Собранието, а во собраниската сала со обраќање на премиерот Димитар Ковачевски, кој порача дека овој европски предлог за деблокирање на нашиот евроинтеграциски процес и за старт на преговорите на земјава со ЕУ на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции.
Претходно, во обраќање пред пратениците, пак, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека со прифаќање на предлогот земјава ќе направи уште еден чекор кон ЕУ и дека сега е моментот да продолжиме напред „кон нашата заедничка иднина во ЕУ со С. Македонија како полноправна членка“.
Премиерот Ковачевски пред пратениците порача дека со понудениот предлог, македонскиот јазик јасно се прецизира како единствен, признат и прифатен јазик за Европската Унија.
– Тоа е тоа што го баравме. Нашата национална ДНК, македонскиот јазик, да биде службен и единствено официјален јазик. На македонски јазик ќе се зборува официјално и во Брисел и во сите европски престолнини. Тоа е најголемото достигнување, најважниот успех, истакна Ковачевски, додавајќи дека сите билатерални прашања не се дел од Преговарачката рамка со Брисел и таа е ослободена од ваков тип на прашања.
Но, мислењето на Ковачевски и останатите од државниот врв и власта не го прифаќа опозицијата која протестираше во собраниската сала и илјадниците граѓани на Македонија пред зградата на законодавниот дом.
Ковачевски нагласи дека смета оти овој единствен европски предлог е најдоброто можно решение во моментов, но и во следниот период, кој ги задржува црвените линии и во исто време дава конечно почеток на преговори.
– Добиваме конечно, по 17 години чекање, и многу најави, и многу разочарувања по нив, официјален почеток на преговорите со средба на целата Влада со Европската Комисија. Со сите нишани и стандарди. Е тоа е, почитувани пратеници, единствената вистина во оваа олуја на манипулации, шпекулации, лажни вести и намерни и ненамерни штети и креирање криза и дестабилизација на државата. На ваков предлог, кој целосно ги отсликува нашите државни интереси и црвени линии, јас, Владата и претседателот на државата, кажав и кажавме ДА, потенцира Ковачевски.
Тој истакна дека и досега имавме тешки, но нужни одлуки и кога ги носевме Рамковниот и Преспанскиот договор и по нив државата опстои, не пропадна, не се подели, туку напротив влезе во НАТО.
– Со прифаќањето на европскиот предлог, Преговарачката рамка и заклучоците на Собранието, остануваме на единствениот пат, за кој повеќе од 30 години, никој не понуди алтернатива. Многу значајно, почнуваме забрзано да се движиме и да ја менуваме државата, преку процесот на преговори, додаде Ковачевски.
Претседателката на Еврокомисијата, Фон дер Лајен во обраќањето пред пратениците порача дека денеска е тука затоа што Европа не чека и се надева дека ќе направиме уште еден чекор кон Европската Унија како полноправна членка.
– Вашата држава е кандидат да стане земја членка на ЕУ од 2005 година, а многумина од вас овде и многу други кои се отсутни, работевте напорно да станете членка на ЕУ, но сега сите мора да го свртиме погледот напред и мора да ја искористиме можноста пред нас да ги започнеме пристапните преговори и да работиме заедно на патот што ве води кон ЕУ, истакна Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека нема сомнеж оти македонскиот јазик е наш јазик и ЕУ целосно го почитува тоа.
– Затоа во ревидираниот предлог стои македонски јазик без квалификација од ЕУ. Принципот на самоидентификација е особено важен за секој од нас. Може да сметате на мене како претседател на ЕК дека ќе осигурам процесот за пристапување строго да ги почитува европските принципи и стандарди, изјави Фон Дер Лајен, додавајќи дека билатералните прашања како што е толкувањето на историјата не се услов во пристапните преговори.
Претседателката на Европската комисија посочи дека со прифаќање на првиот чекор од ревидираниот француски предлог веќе следната недела е можен почетокот на пристапните преговори.
– Сите сте свесни и запознаени со овој ревидиран предлог. Ги штити вашите интереси и ги зема предвид грижите на сите страни. Бидете уверени дека ЕК секогаш била покрај оваа држава, на ваша страна и продолжува да стои на ваша страна, порача Фон дер Лајен.
Во расправата во Собранието по обраќањето на премиерот, за време на кое пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со вувулзели, труби и свирки правеа бука за да не може да се чуе што говори и држеа транспаренти „предавници на народот“, „јазикот и идентитетот“, „народот вели не, свестете се“, опозициските пратеници порачаа дека нема да дозволат „да се отвори Уставот и да се промени“ и обвинија дека со понудениот предлог се задира во јазикот, идентитетот и историјата и се прави „бугаризација“. Пратениците од власта пак возвратија дека „паднале во вода сите лаги и манипулации“ на ВМРО-ДПМНЕ и партијата треба да им се извини на граѓаните за ширењето „лаги и небулози“.
По обраќањето на Фон дер Лајен, на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека партијата има три дилеми од нејзиниот говор. Според него, првата дилема е дали преговорите ќе почнат веднаш со одржување меѓувладината конференција или по промена на Уставот.
– Втора дилема е прашањето за историјата. Се спомна дека нема да зборуваме за историјата, но тоа не го говори членот 14 од истиот документ. Според член 14, ќе зборуваме за се, само не за иднината. Ќе зборуваме за проблеми од минатото односно како во 21 век да се асимилира македонскиот јазик и да се уништи македонскиот идентитет, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Трета дилема, според него, е во однос на членот 3 во воведната изјава каде стои дека Преговарачката рамка ќе биде преведена на македонски јазик, но бугарската стана ќе даде еднострана изјава како таа го гледа македонскиот јазик.
– Во членот 3 јасно стои дека ќе имаме унилатерална изјава од нашиот источен сосед дека македонскиот јазик е најверојатно некоја верзија на бугарскиот јазик, рече Мицкоски.
– Нашите очи и уши се вперени кон Скопје и мора да водиме демократска дебата. Видовте дека Фон дер Лајен даде директен придонес. Нека се развие дебатата и потоа да ги кажеме нашите позиции, изјави Вархеји, кој заедно со албанскиот премиер Еди Рама го посети приморскиот град Валона во Албанија, каде извршија увид на новоизградената обиколница финансирана од Европската Унија.
Рама, од своја страна изрази надеж дека исходот од дебатата во нашето Собрание „ќе биде позитивен“, предупреди дека доколку не се отворат преговорите за Албанија, следниот ден ќе бара „одвојување од македонско-бугарското прашање“.
– Посакувам Парламентот на С. Македонија да го отвори патот за предлогот на Франција и двете земји да влеземе во преговори, изјави Рама.
Пред собраниската седница, претседателот Стево Пендаровски на средба со Фон дер Лајен порача дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи деблокада на евроинтеграциите и отворање на првата фаза од пристапните преговори, што ќе претставува позитивен импулс за реформскиот процес и напредок на земјата.
Собраниската седница продолжува денеска со расправа по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на земјава со Европската Унија, а пред Собранието повторно се најавени протести против францускиот предлог.
Според вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, доколку биде поддржан предложениот документ, преговорите на земјава за членство во ЕУ ќе започнат уште наредната недела, со организирање на меѓувладина конференција, со којашто ќе започне процесот на скрининг.
– Скринингот е една почетна и неопходна фаза на секои преговори. Она што е за нас важно е дека нема да има дополнителни условувања од Бугарија, освен ова што веќе сме го прифатиле, а тоа е промена на Уставот заради внесување на бугарската заедница во Уставот. И кога тоа ќе се случи, автоматски продолжуваат преговорите и по поглавја и во другите делови, изјави Маричиќ за „Блумберг Адриа“.
Тој додаде дека во која било фаза на преговорите со Европската Унија, доколку бидеме принудени да правиме какви било отстапки во делот на јазикот и идентитетот, ние можеме да ги напуштиме тие преговори легитимно, бидејќи тоа не е дел од процесот на Европската Унија.
– Никој не треба да има грижи, да има загриженост дека можно е да се направи некаква асимилација. Нашиот идентитет е утврден, гарантиран, го носиме во нас секојдневно, и не постои процес кој тоа може да го поништи, потенцираше Маричиќ.
Во интервју, пак за Канал 5, тој нагласи дека компромисот во предлог-преговарачката рамка е многу едноставен – гаранција на македонскиот јазик и идентитет и почнување на преговорите, од една страна и внесување на бугарската заедница во Уставот, од друга страна.
– Ова е компромис кој што ние го правиме заради нас, не заради Бугарија, не заради некој друг, изјави Маричиќ, додавајќи дека во предлогот не постои точка која го негира нашиот јазик или ни наметнува некаква асимилација или бугаризација.
Американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз во интервју за МИА изјави дека САД отсекогаш го поддржувале пристапувањето на Македонија во ЕУ, но дека членството на земјава во европскиот блокот е разговор кој треба да го водат Скопје и Унијата.
– Нашата позиција е многу јасна, нашата оценка е дека предлогот го штити интересот на Северна Македонија во пристапниот процес. Тоа е наше и мислење на нашите експерти. Билатералниот протокол, до некаде изгледа дека е споен во овие два процеса. Билатерален договор меѓу Скопје и Софија треба да има. Слушнавме како некои нешта се нафрлаат. Мислам дека ова е дел од забуната, дека јавноста не е сигурна какви ќе бидат тие дискусии. Ќе има посебни дискусии и мислиме дека тие прашања треба да бидат решени на билатерална основа и тоа го кажавме уште на почетокот. Секако не само за влезот во ЕУ, туку и за вашата долгорочна стабилност важно е тие прашања да се решат, истакна Брнз.