Во Собранието денеска треба да се одржи 71-та седница на чиј дневен ред има 47 точки, од кои досега се разгледани две, меѓу кои и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за трговија, по скратена постапка, поднесен од пратеници од владејачкото мнозинство, за кој единствено останува пратениците да се произнесат дали го прифаќаат или не.

Во рамките на седницата треба да се разгледаат и интерпелацијата за работата на претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска од НСДП, поднесена од пратениците од опозицијата, информацијата за пописот на населението, домаќинствата и становите од 2021 година и неколку годишни извештаи за работата на институциите во 2021 година и предлози за одобрување на финансиски планови за институциите за 2022 година.

Покрај тоа, на дневен ред се и повеќе одлуки за испраќање на припадници на Армијата во меѓународни мисии, како и повеќе предлог законски решенија во прво и второ читање и по скратена постапка меѓу кои и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување по скратена постапка. Има и повеќе барања за давање автентично толкување на членови од закони.

Минатата недела, како што објавивме, собранискиот спикер Талат Џафери, лут поради тоа што немаше кворум за работа иако за дневници биле пријавени доволен број пратеници, се закани дека ќе побара Собранието да биде распуштено и најави консултација со лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, како да продолжат натаму.