Собранието денеска треба да ја одржи 89. седница.

На дневен ред на седницата се предлогот за именување претседател и членови на Регулаторната комисија за домување, предлог-одлуките за објавување јавен оглас за именување член и претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, предлог-одлуката за објавување јавен оглас за именување директор и заменик-директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, како и предлог-одлуките за објавување јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и за избор на член на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Во рамките на оваа седница пратениците треба да расправаат по предлог-законот за изменување на Законот за ветеринарното здравство, предлог-законот за изменување на Законот за идентификација и регистрација на животните, предлог-законот за изменување на Законот за пратениците, како и предлог-закон за изменување на Законот за платата и други надоместоци на избрани и именувани лица, сите по скратена постапка.

На дневен ред на седницата се и предлог-законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители, предлог-законот за изменување на Законот за платите на судиите, предлог-законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители и предлог-законот за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет, сите по скратена постапка.

Фото: архива